Балкан

„Меѓународната заедница да реагира на негирањето на геноцидот“

„Пораката дека Радован Караџиќ е херој и заслужува медал, е ужасна порака, која не може да остане. Ние не можеме да живееме со ова и тоа може да се поправи со една ваша одлука и со луѓето кои стојат со вас“

Dejan Maksimoviç  | 11.07.2018 - Обновена : 13.07.2018
„Меѓународната заедница да реагира на негирањето на геноцидот“ Samir Yordamoviç/AA

Srebrenica

СРЕБРЕНИЦА (АА) - Претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, на комеморацијата по повод 23. годишнина од геноцидот во Сребреница, ги повика високиот претставник на ОН за БиХ Валентин Инзко, но и меѓународната заедница, да реагираат на сè почестите негирања на геноцидот, јавува Anadolu Agency (AA).

„И 23 години подоцна се прашуваме каква количина омраза и зло беа потребни без никаква причина да се убие момче, старец, бремена жена, само во неколку јулски денови да се убијат и во масовни гробници да се затрупаат повеќе од 8.000 момчиња, мажи, старци, жени и деца. Потоа страшното злосторство да се прикрие со преместување од гробница во гробница, од една на дуга локација, плански и организирано, исто како што се вршени и егзекуциите“, изјави Изетбеговиќ.

Тој додаде дека на нормално човечко суштество му е тешко да помисли дека такво злосторство, од такви размери, можело да се случи во Европа на крајот од 20 век, и дека и понатаму се обидуваат да ги откријат причините за вршењето на геноцидот.

„Таа длабочина на злосторство единствено злосторниците можат да ја разберат“, нагласи Изетбеговиќ.

„За размерите на злото“, вели Изетбеговиќ, „зборува несомнената статистика дека во тие денови на пекол, секоја минута е убиен по еден маж во Сребреница. Тој нагласи дека ОН, кои Сребреница ја нарекле своја заштитена зона, не го спречиле масовниот масакр.

„Сребреница секогаш ќе остане темна дамка на образот на сите кои можеле, а не го спречиле геноцидот. Меѓутоа, совеста на цивилизираниот свет, на крајот, сепак се разбуди. Меѓународните судови, соочени со ужасите на бруталните убиства, масовните гробници, но и со изопаченоста на идеологијата која тоа го нареди, донесоа пресуди и ова злосторство го нарекоа со единственото можно име - геноцид. За сите овие години свеста на злосторниците сè уште не е разбудена. И 23 години по геноцидот трагаме по уште околу 1.000 тела од геноцидот. Оние кои ги знаат локациите на масовните гробници, молчат. Олеснете си и себеси и кон нас. Разбудете барем нешто човечко во себе и дозволете спокој на душите на жртвите и на нивните семејства, кажете каде се посмртните останки“, рече Изетбеговиќ.

Според неговите зборови, идеологијата која доведе до геноцидот во Сребреница е и понатаму присутна, а нејзините следбеници се сè погласни и поактивни, и одбиваат да го признаат геноцидот и да се соочат со вистината. 

„Осудените воени злосторници ги прогласуваат херои, по нив даваат имиња на студентските домови, им доделуваат награди и признанија“, изјави Изетбеговиќ.

„Говорот на г. Валентин Инзко и мојот се многу слични, ние зборуваме за исти теми и ги гледаме на ист начин, само што јас некои работи не можам да ги отстранам со рака, а г. Инзко и меѓународната заедница можат да ги отстранат на таков начин. Бошњаците беа предадени од меѓународната заедница кога им наметнаа ембарго на оружјето. Таа добро знаеше дека ние сами не можеме без оружје, дека сите други имаат доволно. Бошњаците беа предадени кога беше масакрирана „заштитената зона на ОН“, тука, во Сребреница. Значи, тие работи повеќе не може да се поправат, но пораката дека Радован Караџиќ е херој и заслужува медал, е ужасна порака, која не може да остане. Ние не можеме да живееме со ова и тоа може да се поправи со една ваша одлука и луѓето кои стојат со вас. Ве повикувам пред овие луѓе, пред жртвите на Сребреница, да го направите барем тоа. Со негирањето на геноцидот, со одбивањето да се признае злосторството, вие правите дополнително злосторство над жртвите и нивните семејства. Не вреѓате сите нас, го туркате прстот во окото на цивилизираниот свет, но во суштина најмногу штета правите на сопствениот народ“, порача Изетбеговиќ.

Во Меморијалниот центар во Поточари ќе се изврши погребната молитва и ќе се погребаат 35-те новоидентификувани посмртни останки на жртвите од геноцидот, кои во јули 1995 година го сторија Војската и полицијата на РС, како и паравоените формации од РС и Србија на Бошњаците во заштитената зона на ОН.

На гробиштата во Меморијалниот центар „Сребреница-Поточари“ досега спокој пронајдоа 6.575 жртви од геноцидот, а се трага за уште околу 1.000 жртви.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.