Lejla Biogradlija
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
САРАЕВО (АА) - Порака за братство и единство беше упатена до светот на настанот што се одржа во Сараево, главниот град на Босна и Херцеговина, по повод одбележувањето на втората годишнина од терористичкиот напад извршен во Крајстчрч, Нов Зеланд, на 15 март 2019 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
На програмата одржана на Латинскиот мост во Сараево, каде што беше извршен атентат кој предизвика почеток на Првата светска војна, во организација на здружението БИЛАЛ (Меѓународно знаење и перцепција) од Турција, беше отворен плакат со натпис „Здраво, брату“ (Hello Brother)“.
Омер Лутфи Туркменоглу, претседател на здружението БИЛАЛ, истакнувајќи дека како здружение имаат за цел да му служат на исламското единство, рече дека за нив е важна пораката „Здраво, брату“ (Hello Brother) на Давуд Наби, кој беше прва жртва на нападот и го пречека терористот Брентон Тарант на влезот од џамијата.
Наведувајќи дека оваа порака на Наби треба да ја разберат сите и муслимани и не-муслимани, Туркменоглу рече: „Тероризмот нема нација. Тероризмот нема религија. Терористичката акција спроведена од припадник на една религија не може да се поврзе со таа религија. Затоа, во злосторството индивидуалноста треба да биде во прв план, сите луѓе во светот треба предрасудите да ги остават настрана и да ја согледаат пораката на Наби.“
- „Тука сме за до целиот свет да ја упатиме пораката за братство“ -
Јахја Тујан, кој го загуби својот брат Зекерија Тујан во терористичкиот напад во Нов Зеланд, истакна дека за настанот дознал од телевизија.
„Предавнички чин е да се изврши терористички напад кога невини луѓе се молат и во џамијата се наоѓаат со чисти чувства. Поминаа две години, но не можам да ја заборавам болката за мојот брат“, рече Јахја Тујан.
Осврнувајќи се на причините за доаѓањето во Босна и Херцеговина, Тујан рече: „И се случи масакр. Тука сме за до целиот свет да ја упатиме пораката за братство.“
Мустафа Бозташ, кој го преживеа терористичкиот напад пред две години, рече дека живеел во Нов Зеланд од 2009 година и дека во Крајстчрч отишол за да се школува.
Истакнувајќи дека во нападот бил застрелан во ногата, Мустафа Бозташ рече дека успеал да избега од прозорецот на џамијата.
Меѓу другото, Бозташ додаде дека тие дошле во Босна и Херцеговина за на целиот свет да му испратат порака за братство и љубов.
Терористот Тарант на 15 март 2019 година, во текот на петочната молитва (џума намаз) упадна во џамиите „Нур“ и „Линвуд“ во Крајстчрч и уби 51 муслиман кои се собраа на заедничка молитва.
Тарант беше осуден на доживотен затвор на 27 август 2020 година, по судењето во Врховниот суд во Крајстчрч.