Husamedin Gina
13 Јули 2021•Ажурирај: 20 Јули 2021
ЛОЗОВО (АА) - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) денеска донираше опрема за пчеларство и пчели на 23 семејства од подрачјето на Општина Лозово, Штип, Карбинци и други области во рамките на Проектот за развој на пчеларството во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Церемонијата се одржа во селото Каратманово, кое е дел од Општината Лозово. На церемонијата учествуваа координаторот на ТИКА во Скопје, Халим Омер Согут, градоначалникот на Општина Лозово, Ацо Велковски, и локалното население што се занимава со пчеларство.
Согут во изјавата за АА истакна дека денеска се донира опрема за пчеларство на 23 семејства (по десет кошници за секое семејство) од подрачјето на Општина Лозово, Штип, Карбинци и други области во рамките на Проектот за развој на пчеларството во Северна Македонија.

„Многу убав ден, денес сме заедно со нашите граѓани и луѓето од различни региони. Всушност, ова е знак што го покажува пријателството и соработката меѓу Турција и Северна Македонија и знак дека оваа соработка меѓу двете земји ќе се развива и понатаму“, нагласи координаторот Согут.
Истакнувајќи дека покрај донирањето опрема се реализираат и обуки за одгледувачите на пчели, Согут рече дека овој проект истовремено ќе придонесе за зголемување на капацитетот на мед во Северна Македонија.

Градоначалникот на Општина Лозово, Ацо Велковски, истакна дека Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) доделила пчели и опрема за одгледување пчели на 23 семејства од источна Македонија.
„Овој настан е од огромно значење за Општина Лозово, бидејќи оваа поддршка од ТИКА што ја даваат на пчеларите нема да претставува само развој за пчеларството и земјоделието во нашата општина туку директно ќе влијае на економскиот локален развој на самата општина. Бенефитот ќе го имаат и пчеларите и Општина Лозово“, нагласи градоначалникот Велковски.

Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), во петок, на 16 јули, исто така ќе донира опрема за пчеларство на 27 семејства во селото Здуње, Гостиварско.
Со тоа, ТИКА, во рамките на Проектот за развој на пчеларството во Северна Македонија, на вкупно 50 семејства што се занимаваат со пчеларство им доделува модерна опрема за пчеларство, со цел да помогне на семејствата со ниски примања.