Abdula Berisha
16 Март 2023•Ажурирај: 17 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Советот за социјална сигурност на Северна Македонија одржа состанок на кој се усвои зголемувањето на пензиите од 8,4 проценти, јавува Анадолу.
На состанокот со кој претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски, како и експерти од ресорните министерства и други институции, вклучително и претставници на повеќе приватни пензиски друштва.
По завршувањето на состанокот се одржа прес-конференција на која се обратија премиерот Ковачевски, министерката Тренчевска и претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија, Станка Трајкова.

Во своето обраќање, премиерот Ковачевски рече растот на пензиите е поголем од очекуваното, додавајќи дека пензионерите ги заработиле своите пензии и никој не им ги подарува.
„Во оваа 2023 година, освен ова мартовско усогласување на пензиите, уште едно ќе следи во септември, усогласено според трошоците за живот и порастот на просечната плата, што значи, за една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16 проценти“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека со денешново покачување, просечната пензија од 17.666 денари, ќе се зголеми на 19.150 денари. Тој изрази задоволство од квалитетниот дијалог со здруженијата на пензионерите.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во својот говор објасни дека минатата година беше променета методологијата за усогласување на пензиите. Според новата методологија, освен растот на трошоците на живот, се зема предвид и растот на просечната плата.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Северна Македонија, Станка Трајкова, рече дека во 2022 година, порастот на трошоците за живот во второто полугодие спореден со претходното изнесува 10,6 проценти, додека порастот на просечната плата изнесува 6,2 проценти.
„Сојузот продолжува и понатаму да ја следи новата методологија, односно како таа се реперкуира на висината на пензиите, и подготвивме нови предлози, насловени како 'Предлози за унапредување на формулата за усогласување на пензиите', и тие ги доставивме до надлежното Министерство за труд и социјална политика“, рече Трајкова.