Admir Fazlagic
04 Декември 2020•Ажурирај: 04 Декември 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски се обрати на специјалната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето Пендаровски истакна дека пандемијата на Ковид-19 и натаму претставува најголем ризик за човештвото, потсетувајќи дека голем број семејства изгубија свои членови, а многу заедници се сериозно погодени. Оваа здравствена криза, рече Пендаровски, ги зафати и другите сектори на нашите општества, а економиите претрпеа особено тешки загуби.
Според Пендаровски, со страдањата што ги предизвикува, пандемијата ги разоткри системските слабости и нееднаквости.
„Во Северна Македонија, коронавирусот го зема својот данок во човечки животи, изврши притисок врз здравствениот сектор и ја ослабе економијата. Со цел да се олесни тешкиот товар кој го носат нашите здравствени работници, Владата неодамна прогласи кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија за период од 30 дена. На овој начин ќе се помогне да се искористат капацитетите на Армијата и ресурсите на приватниот здравствен сектор со цел поефикасно да се контролира ширењето на вирусот и да се спасат што е можно повеќе човечки животи", истакна Пендаровски.
Во име на македонските граѓани, Пендаровски ом се заблагодари на Обединетите нации и Светската здравствена организација, за, како што рече, нивното лидерство во координирањето на глобалните напори за контрола и спречување на ширењето на КОВИД-19.
„Исто така, благодарни сме на сите земји и организации кои нè поддржаа со медицинска опрема, материјали и споделено знаење и искуство", додаде тој.
Во своето обраќање Пендаровски рече и дека пандемијата претставува и морален предизвик. „Економијата може да страда, но животите на луѓето се бесценети, па затоа спасувањето човечки животи треба да има предност пред сè друго. Во исто време, нашите напори за контрола на ширењето на вирусот не смеат да бидат на штета на основните права и слободи. Ова подразбира здравствена заштита и економски стимул што треба да им се обезбеди на сите кои имаат потреба. Борејќи се против корона вирусот, мора да осигураме дека не толерираме ширење на вируси на расизам, екстремизам, дискриминација и ксенофобија", потенцираше Пендаровски.
Меѓу другото, претседателот на Северна Македонија истакна дека здравствените производи со сертифициран квалитет треба да бидат достапни за сите. „Се разбира, голем чекор во вистинска насока беше воспоставувањето на глобалната програма COVAX за набавка на вакцини, која треба да овозможи лесен и балансиран пристап до вакцините на сите луѓе во светот."
На крајот од своето обраќање Пендаровски нагласи дека многу предизвици ќе останат дури и во пост-Ковид-19 периодот.
„Патот до социјално-економско, па дури и ментално закрепнување за многумина од нас ќе биде долг и сложен. Но, нема друга алтернатива. Човештвото треба со заеднички сили да работи на обновата на светот во кој ниту еден човек нема да биде изоставен", порача Пендаровски.