СКОПЈЕ (АА) - АБДУЛБЕСАР АДЕМИ -
Новоизбраниот претседател на Исламскатата верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, Шаќир Фетаху, изјави дека неговата главна цел и столб како поглавар на исламскиот верски живот во земјата ќе биде да ги претстави и објасни исламските верски вредности на најчист и најпрактичен можен начин.
Во разговор за Агенција Анадолија (AA), Фетаху нагласува дека исламот треба да се претстави на најчист и најпрактичен можен начин, бидејќи како што ќе биде претставен, така и ќе изгледа во текот на времето во кое живееме. За таа цел, тој најави формирање тела, дирекции и здруженија во рамките на ИВЗ, кои ќе работат на претставување и објаснување на исламот на најдобар можен начин.
Претставувањето на исламот во денешницата, особено на Балканот и Европа, според поглаварот на ИВЗ, бара извонреден професионализам во сите области на човековата активност, како што се религиозната, научната, економската, културната, уметничката или филозофската област.
„Најголемата одговорност, најголемата цел на ИВЗ во Северна Македонија е да формира институции, почнувајќи од џамиите, исламските верски училишта, Факултетот за исламски науки, формирање на највисоки верски научни институции, со цел да се професионализира, да го објасни исламот на достоинствен начин“, вели Фетаху.
Фетаху нагласува дека за правилно професионализирање е потребен стабилен економски систем на ИВЗ, како и чиста и добро организирана администрација. Тој ја спомена и акредитацијата на исламските средни училишта, за учениците да имаат официјална можност да изберат од сите смерови на универзитетите во земјата и странство, бидејќи тоа досега во Северна Македонија претставуваше предизвик за учениците од исламските училишта во продолувањето на нивното образование на студии.
Понатаму, Фетаху зборуваше и за други проекти, меѓу кои формирање ограноци или дирекции од различни области што ќе работат во рамките на ИВЗ, како што се директори за аџилак и вакаф, библиотека и печатница за исламска литература, разни здруженија за жени и млади, како и исламски научно-истражувачки центар.
„Нашата главна цел ќе биде да го објасниме исламот на изворен начин, приближувајќи се од сите аспекти со дух што ќе го подигне моралот, хуманоста, мирот, толеранцијата, солидарноста, зближувањето меѓу луѓето, со цел да бидеме креативен субјект на нашето општество овде и во странство“, вели Фетаху.
- „Прашањата поврзани со верските чувства треба да ги решаваат верските заедници“
Според поглаварот на ИВЗ, во Северна Македонија е неопходна сериозна соработка помеѓу верските заедници, бидејќи „над 90 проценти од општеството на оваа земја припаѓа на некоја религија, што значи дека се верници“.
„Ова покажува дека верските заедници се клучни и многу важни за негувањето на социјалните вредности, затоа што сите религии повикуваат на тоа што е добро. Сите религии се обединуваат во три главни столба кои овозможуваат неопходно приближување и соработка“ , вели Фетаху, додавајќи дека секоja вера бара да веруваме во Бога, да правиме добри дела и да веруваме дека постои и друг свет покрај овој.
Во врска со соработката со Македонската православна црква (МПЦ), Фетаху вели дека ИВЗ во минатото немала многу блиска соработка со оваа верска заедница.
„Сметам дека соработката треба да биде поинтензивна, поблиска, посоцијална, поискрена и поконструктивна во однос на прашањата со кои се соочува нашето општество, бидејќи има прашања што влијаат на верските заедници. На пример, прашања што имаат врска со верските чувства“, изјавува Фетаху.
Говорејќи за прашања што влијаат на верските чувства, Фетаху ја наведе џамијата во Прилеп, која е изградена во 1475 година, но настрада од меѓуетничкиот конфликт во земјата во 2001 година, бидејќи Македонците од Прилеп ја запалија џамијата како одговор на нападот над воениот конвој кој одеше кон Тетово на автопатот Скопје-Тетово, каде животот го загубија десет војници од Прилеп и околината. До денес, џамијата стои на делумно уништените sидови и со скршеното минаре, притоа останувајќи субјект кон кој има многу лошо однесување поради недостатокот на заинтересираност и незачувувањето.
„Од тогаш поминаа 19 години. Таа историска џамија, таа убавина на исламската култура, но и дел од културата на државата, сè уште останува во урнатини и се злоупотребува од страна на разни граѓани“, рече Фетаху, додавајќи дека ваквите прашања се повеќе во надлежност на верските заедници отколку во надлежност на државата.
Фетаху додава дека ако верските заедници се согласат за решавање на вакви прашања, тогаш на властите ќе им биде многу полесно официјално да постигнат решение за тоа прашање.

Фетаху исто така соопшти дека по преземањето на функцијата претседател на ИВЗ, имал состанок со претставници на верски заедници во земјата и додаде дека во иднина планираат да иницираат меѓународна конференција за општата култура, меѓуверскиот дијалог и барањата на верските заедници, каде што очекува учество на претставниците на верските заедници од земјата и од странство.
Говорејќи за различните муслимански заедници кои живеат во Северна Македонија, Фетаху нагласува дека ИВЗ е организација на сите муслимани без оглед на нација, раса или место.
„Оваа заедница подеднакво ги претставува Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, Торбешите, Египќаните и сите оние кои се чувствуваат муслимани. Оваа (заедница) не само што ќе се грижи за муслиманите, туку ќе се грижи и за другите вери, затоа што ние сме одговорни не само за муслиманите, туку и за другите, затоа што припаѓаме на ова општество и мора заедно да ги решаваме нашите проблеми“, рече Фетаху.
- „Професионални тимови работат на враќање на имотите на вакафот“
ИВЗ постојано бараше враќање на имотите на вакафот што ги присвојуваше државата во минатото, откако беше донесен Законот за денационализација во 1998 година, со кој се создадоа услови за враќање на имотите на нивните сопственици одземени по разни основи по 1944 година од страна на државата.
Фетаху објаснува дека ИВЗ од 1998 година веднаш се обратила со барања за денационализација на вакафските имоти. Тој нагласува дека во тоа време многу имоти на ИВЗ се вратени, но додава дека има уште многу имоти што ќе треба да и бидат вратени на ИВЗ. Тој вели дека за овие прашања се прават максимални напори да се завршат имотните процеси за кои имаат силни аргументи за нивно враќање.
„Професионални тимови работат на враќање на имотот на вакаф. Сметаме дека во иднина ќе имаме враќање на имотите што останаа невратени. Се разбира, тоа е многу голем имот“, рече Фетаху, додавајќи дека се разговара за еден голем имот што му припаѓа и мора да му биде вратен на ИВЗ.
Но, Фетаху вели дека постојат и некои имоти на вакафот за кои има потешкотии при нивно враќање, поради фактот што тие се премногу вредни, или поради тоа што не се наоѓаат аргументи за да ги вратат.
Според Фетаху, ИВЗ во моментов се обидува да ги врати имотите на Сули Ан, Капан Ан и Безистен, кои се наоѓаат во Старата скопсја чаршија.
Фетаху соопшти дека низ целата земја ИВЗ во моментов поседува околу 15 милиони квадратни метри, вклучувајќи ги гробишта, верски објекти, дворови на џамии, ниви, шуми и планини. Тој исто така најави дека ќе се изврши анализа на сите муфтиства за да се има преглед на вратените имоти на вакафот и оние за кои се бара да се вратат.
- Враќањето на Бурмали џамијата може да оди со „позитивни резултати“ ако имаме волја на сите страни
Во врска со Бурмали џамијата, срушена во 1925 година, која беше изградена во 1495 година на десниот брег на реката Вардар во близина на Камениот мост во центарот на Скопје, Фетаху вели дека институцијата што тој ја води се занимавала со ова прашање „навистина сериозно“.
Тој додава дека имале несогласувања со владата на поранешниот премиер Никола Груевски, кој на локацијата на Бурмали џамијата има направено разни проекти, кои според него „имаа тенденција“ да го спречат враќањето на Бурмали џамијата.
Претседателот на ИВЗ на Северна Македонија, Фетаху, рече дека претходните влади на земјата тврделе дека Бурмали џамија била национализирана во дваесеттите години на минатиот век, додека Законот за денационализација ги предвидува само имотите од 1946 година наваму.
„Досега напорите на ИВЗ беа успешни, напори кои беа навистина сериозни и искрени, но се правдале дека законот дошол предоцна, тој треба да се започне од 1946 година, за претходните имоти не може да се разговара и многу различни прашања. Но, мислам дека ако имаме волја од сите страни и искрен напор за вистинска соработка, ова прашање може да се реши и со позитивен резултат“, изјавува Фетаху.
Тој вели дека покрај напорите со владите на земјата, ИВЗ побарала помош и од Турција за враќање на Бурмали џамијата, бидејќи, како што рече, оваа џамија била историски споменик кој датира пред стотици години од Османлиската империја.
„Ние повторно ќе бидеме активни во ова прашање, но тоа е навистина тежок процес, кој навистина бара извонредна волја“, рече Фетаху.
- „ИВЗ е, била и ќе биде тесно поврзана со Дијанетот на Турција“
Говорејќи за односите меѓу ИВЗ и муслиманската заедница во Северна Македонија со Турција, Фетаху ги пофали врските и соработката, поздравувајќи ги активностите во Северна Македонија на Турското претседателство за верски работи (Дијанет), Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и државната турска новинска Агенција Анадолија (АА).
„Сведоци сме на минатото и сегашноста, ИВЗ беше, е и ќе продолжи да биде тесно поврзана со Дијанетот на Исламската заедница на Турција, како и со сите организации кои ќе се занимаваат со прашања за реновирање и инвестиции во Северна Македонија“, вели Фетаху.
Тој исто така го спомена актуелниот проект на Фондацијата за верски прашања на Турција, односно џамијата со османлиска архитектура, која се гради во скопската населба Топанско поле. Според Фетаху, оваа џамија со ретка убавина, од уметнички аспект ќе даде исклучително убав поглед и ќе биде симбол на исламската архитектура што ќе го збогати не само исламското опкружување, туку и опкружувањето на државата и општеството во кое живееме.
Шефот на ИВЗ, исто така ги пофали активностите на АА во Северна Македонија, нагласувајќи дека АА вклучува широк амбиент на меѓународни новински објавувања на македонски и албански јазик. Тој исто така рече дека оваа новинска агенција ја поврзува земјата повеќе со Турција и со турскиот јазик, јазик кој, според него, станал „светски јазик без кој не може да се размислува за политички, економски, научен и религиозен живот“.
„Јас ја разбирам АА како многу сериозна агенција која вклучува голем простор и на муслиманите и на другите и има посебно влијание врз подигнувањето на свеста кај граѓаните, верниците и луѓето воопшто, каде и да продира и каде и да се наоѓа. Горд сум што ја имаме на територијата на Северна Македонија и што исто така, ќе му помогне на исламското верско прашање во рамките на нејзиното дејствување воопшто“, рече Фетаху.
Шаќир Фетаху беше избран за претседател на ИВЗ на изборите што ги одржа оваа верска институција на 18 ноември оваа година, додека претходно беше вршител на должноста на оваа позиција, откако на 27 мај годинава Ријасетот на ИВЗ одржа вонредна седница на која одлучи да го разреши тогашниот претседател на ИВЗ, Сулејман Реџепи. Претходно, Фетаху беше Гостиварски муфтија.
news_share_descriptionsubscription_contact
