Agim Sulaj
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
ПРИШТИНА (АА) - Пратениците во Парламентот на Косово ратификуваа три различни договори за соработка со три различни земји, односно со Северна Македонија, Црна Гора и Кувајт, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката за правда на Косово, Албулена Хаџиу, истакна дека договорот за заемна правна соработка во граѓанските прашања меѓу Косово и Северна Македонија има за цел понатамошно зајакнување на соработката во областа на правото во граѓанските и трговските прашања меѓу двете земји и олеснување на законските процедури во оваа област.
„Овој договор се спроведува за прашања што ги вклучуваат процедурите во врска со граѓански статус, семејни прашања, работните односи, прашањата за сопственост и другите граѓански или трговски односи на физички и правни лица“, рече Хаџиу.
Таа нагласи дека страните преку овој договор им гарантираат на граѓаните на другата страна еднаква правна заштита на правата и слободен пристап во судовите и другите органи како за своите граѓани. Исто така, јавните документи издадени од властите на една страна, ќе бидат валидни исто и во другата земја.
Со 80 гласа за, ниту еден против и воздржан, Парламентот на Косово го ратификуваше овој договор, а овој договор, според Хаџиу, веќе е ратификуван од Северна Македонија.
На истата седница, пратениците на Косово го ратификуваа и Договорот за статусот на силите меѓу Косово и Кувајт, како и Договорот меѓу владите на Косово и Црна Гора во контекст на пристапување во ЕУ.