Admir Fazlagic
29 Јануари 2021•Ажурирај: 31 Јануари 2021
СКОПЈЕ
Основното јавно обвинителство (ОЈО) на Република Северна Македонија поднесе обвинение против лице од Скопје за сторено кривично дело - Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопшти дека по спроведената истражна постапка надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд достави Обвинителен акт против дваесет и четиригодишниот И.Т. од Скопје, за сторено кривично дело – Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, според Кривичниот законик.
„Обвинетиот е дел од групата опфатена во акцијата „Ќелија 2″. За потсетување, акцијата беше спроведена на седум локации во Скопје и Тетово, на 9 јули 2016 година и притоа беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС (ДЕАШ), а подоцна беше лишено од слобода уште едно лице. За останатите три лица меѓу кои и обвинетиот И.Т. беа распишани национални и меѓународни потерници", се наведува во соопштението на Јавното обвинтелство.
„Имено, по претходна радикализација во нашата земја, И.Т. како македонски државјанин спротивно на законот заминал во Сирија, каде бил обучуван и учествувал во воените акции на правоената формација – муџахединска единица наречена „Тахрир Хајат Ал-Шали“ – Tahrir Hayat Al – Shali, која од страна ООН е прогласена за терористичка организација", се додава во соопштението.
Како што се наведува, по завршената обука која траела околу 6 месеци бил распореден во единица задолжена за обезбедување на терен во близина на градот Идлиб и извршувал одредени стражарски активности.
„По постигнатото примирје во 2017 година, обвинетиот во месец јули 2019 година од Сирија илегално влегол во Република Турција и одреден временски период престојувал во Анкара и Истанбул. Со оглед дека со него имал патна исправа со истечен рок на важење не можел легално да се врати дома, па стапил во контакт со неговите родители. Согласно договорот, тој илегално ја преминал турско – грчката граница и во Р. Грција се сретнал со неговите родители, кои му ја донеле патната исправа на неговиот брат со која ја поминал границата и истиот ден преку ГП Долно Блаце ја напуштил државата заминувајќи на Косово", информираат од Јавното обвинителство.
Кога се вратил во Република Северна Македонија врз основа на претходно издадена Наредба за издавање на национална и меѓународна потерница од 2017 година, обвинетиот И.Т. на 06.10.2020 година бил спроведен во Казнено- поправната установа Затвор - Скопје.
„Имајќи ги предвид специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело, како и меѓународниот карактер на истото, а воедно и фактот дека обвинетиот долго време бил недостапен на органите на прогонот, обвинителството со Обвинителниот акт достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор определена од судија на претходна постапка", стои во соопштението.