Ekipa
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
БЕРЛИН (АА) - Федерацијата на потрошувачи од Германија подигна обвинение против раководството на „ВатсАп“ поради собирање и споделување податоци од корисниците на таа мобилна апликација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Федерацијата на германските потрошувачки организации денес потврди дека обвинението е предадено на државниот суд во Берлин.
Во неа се наведува дека „ВатсАп“ „собирал и чувал податоци на корисниците и илегално ги споделувал на ‘Фејсбук’“.
„ВатсАп“ е мобилна апликација за размена на пораки, фотографии и видеоснимки на паметните телефони. На почетокот од 2014 година апликацијата имаше речиси 500 милиони активни корисници кога беше продадена на „Фејсбук“ за 19 милијарди долари.
„Фејсбук“ во 2014 година формираше сопствен глобален систем за размена на пораки и минатото лето објави дека „ВатсАп“ ќе му ги предаде телефонските броеви од своите корисници.
На тоа бурно реагираа коморите за заштита на приватните податоци во Германија и пошироко.
„Кога ‘Фејсбук’ го презеде ‘ВатсАп’ во 2014 година, вети дека ‘ВатсАп’ ќе остане независен. Потрошувачите веруваа дека нивните информации ќе останат само на ‘ВатсАп’ и дека нема да бидат достапни на ‘Фејсбук’“, се наведува од страна на германската организација.
Од друга страна, „ВатсАп“ соопшти дека нивните политики на приватност и поставки на ажурирање се целосно во согласност со важечките закони“.
Исто така, се наведува дека делењето на податоците, односно броевите на мобилните телефони со Фејсбук ќе биде „привремено спречено“.