Abdula Berisha
30 Јули 2019•Ажурирај: 31 Јули 2019
СКОПЈЕ
Првата група верници од Северна Македонија замина за светите места, за да исполни еден од петте услови на исламската религија.
Патувањето од Меѓународниот аеродром Скопје до Саудиска Арабија го започнаа 168 од вкупно 850 аџии, вклучувајќи 40 лица од раководниот и медицински персонал.
Повеќето аџии од првата група беа од регионите под јурисдикција на Кумановското и Струшкото муфтиство.
Елјаса Махмуди, имам во џамија во Куманово и еден од раководителите, за Anadolu Agency (AA) вели дека од Кумановскиот Регион се вкупно 77 аџии. Тој вели дека сите се подготвени за патувањето и носталгични да ги посетат светите места.
„Го молиме Возвишениот Алах да ни го олесни патувањето и да даде Господ да ги извршиме обврските така како што треба и да се вратиме во родниот крај со прифатен аџилак“, рече Махмуди.
- Меѓу аџиите е и еден 62-годишник со посебни потреби
Еден од аџиите што отпатуваа денеска за да го исполнат петтиот услов на исламската религија е и 62-годишниот Харун Мехмети од скопското село Нигиштан, кој иако е инвалид и треба да се движи со инвалидска количка, за АА вели дека е способен да ја исполни верската обврска. Тој е придружуван од еден член на неговото семејство, кој ќе му помага при вршењето на верските обреди во светите места.
„Емоциите не се опишуваат, тоа е големо задоволство, не може да се опише тоа каде одиме. Што се однесува до потешкотиите, не му ја мислам. Навистина сум во инвалидска количка, но се чувствувам способен за сè. И придружникот ми е способен. Придружникот е со искуство и бил 5-6 пати, добро го знае местото. Господ Алах да ни помогне за да го привршиме хаџот. Верувам дека ќе успееме“, рече Мехмети.
Тој го моли Алах да им овозможи на сите муслимански верници да патуваат во светите места, изјавувајќи дека сите треба да го земат него како пример.
„Муслиманите да ме земат мене за пример. Кога еден инвалид се труди да оди (на аџилак), Господ тоа му го овозможува. Да даде Господ Алах на секому да му овозможи“, рече Мехмети.
Претходно, од Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија информираа дека патувањето е организирано во пет групи на 30 и 31 јули, а аџиите се враќаат на 25, 26 и 27 август.
Според податоците на ИВЗ, оваа година се регистрирани 850 аџии, меѓу кои има и водичи и медицински персонал составен од 40 лица. Најмладата личност што ќе патува за светите места оваа година е едно петгодишно дете, додека најстариот има 82 години.
Цената за извршување на аџилакот оваа година изнесува 4.400 евра, што претставува зголемување од 300 евра во споредба со минатата година, кога изнесуваше 4.100 евра. И покрај тоа, бројот на аџиите се зголемува, со тоа што минатата година имаше вкупно 669 аџии, меѓу кои и водичи и медицински персонал, а оваа година бројката е зголемена на 850 аџии.