Abdula Berisha
01 Јули 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ОХРИД (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на прес-конференција изрази задоволство од одржување на Преспа Форумот за дијалог (ПФД), додавајќи дека направените напори резултирале со успех, јавува Агенција Анадолија (АА).
Потсетувајќи дека ова е најголемата меѓународна конференција што земјата некогаш ја организирала, Османи рече дека во овие рамки се состануваат лидерите од регионот, но и претставниците на Европската Унија (ЕУ), Соединетите Американски Држави (САД) и на бројни меѓународни организации, професори, како и претставници од невладиниот сектор.
Османи нагласи дека покрај челниците на владите од регионот, на овој форум присутни се над 20 министри за надворешни работи од различни земји, додека над 80 медиумски претставници од регионот го следат Форумот.
- „Лансирана нова регионална платформа наречена Б6“ -
Тој истакна дека синоќа бил организиран неформален состанок со неговите колеги од земјите на Западен Балкан, кој, според него, резултирал со нова регионална иницијатива.
„Синоќа лансиравме уште една нова иницијатива, нова регионална платформа наречена Б6, нов формат во кој министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан редовно ќе се состануваат во неформален контекст за зголемување на координацијата, соработката и за продлабочување на интеракцијата меѓу нашите земји“, нагласи Османи.
Министерот Османи исто така рече дека со ПФД за првпат се врши вклучување на Западниот Балкан во дебатата за иднината на Европа.
Потсетуваме, денеска и утре во Охрид и во Отешево за првпат се одржува Преспа Форумот за дијалог, со Конференцијата насловена „Западен Балкан: Сложувалката што недостига за комплетна Европа“.
На официјалната веб-страница на Форумот се вели дека ПФД е платформа креирана од Владата на Република Северна Македонија, со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата.