ПРИШТИНА (AA) - Зулфија Јакуп -
Оливер Ивановиќ ќе се памети како интелигентна, сестрана и умерена личност. Важеше за ценет политичар меѓу Србите и меѓу Албанците, а исклучително го почитуваа и претставниците на меѓународната заедница. Сепак, Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“ (СДП), кој во вторникот на 16 јануари беше убиен во атентат во Северна Митровица, се смета за контроверзен политичар, пишува Anadolu Agency (AA).
Неговиот анганжман во текот на војната на Косово во 1999 година, за многумина жители на Косово е сомнителен, за што имаше судски процес, но поради трагичната смрт судењето не е завршено. Од друга страна, Оливер Ивановиќ важеше за умерен политички претставник на косовските Срби, секогаш подготвен за дијалог и компромиси со Албанците. Роден е во 1953 година во село Ржниќ кај Дечани, каде што уште во детството го научил албанскиот јазик. Основното и средното Машинско-техничко училиште ги завршил во Митровица. Бил питомец на Воената академија во Загреб, која ја напуштил по три години поради видот. Потоа завршил Машински факултет во Митровица, а во Приштина апсолвирал и на Економскиот факултет.
Ивановиќ пред војната бил заменик директор на „Фероникел“, едно од најголемите општествени претпријатија во тој период во Косово. Беше познат каратист, носител на црн појас четврти ден и во Митровица важеше за угледен спортски работник.
Во текот на бомбардирањето на НАТО, беше на чело на таканаречените „Чувари на мостот“ во градот Митровица, познати по тоа што бркаа и убиваа албанско население. Токму поради обвиненија за воено злосторство над цивилите Албанци во Косово, Ивановиќ е уапсен во јануари 2014 година. Со првостепена пресуда на Основниот суд во Северна Митровица, во јануари 2016 година прогласен е за виновен за убиство на повеќе Албанци на 14 април 1999 година, и осуден е на девет години затвор. Второстепениот Апелациски суд во февруари 2017 година ја укина таа пресуда и нареди повторно судење, кое започна во март минатата година. Од април 2017 година судот му овозможи да се брани од слобода.
Иако наводите за тоа дека Оливер Ивановиќ наредувал убиства на Албанците кружеа меѓу албанските граѓани во сите години од војната па наваму, индикативно е тоа што обвинението е покренато пред првите косовски локални избори на северот на Косово, на кои тој се кандидираше за претседател на општината Северна Митровица, како лидер на Граѓанската иницијатива СДП.
Многумина веруваат дека „тајмингот“ беше наместен за да се отвори пат кон победа на изборите на неговиот противкандидат од „Српска листа“, Горан Ракиќ, кој го поддржуваше Белград. Освен што беше жртва на Белград, исто така се веруваше и дека неговото судење им беше потребно на косовските власти како противтежа за судењето за воените злосторства на командантите на Ослободителната војска на Косово во предметот на таканаречената „Дреничка група“.
Тоа судење, несомнено, фрли сенка на активниот, разумен и корисен политички анганжман на Ивановиќ по завршување на војната во Косово, ослободен од притисокот на она што се нарекува „српски косовски мит“.
Ивановиќ беше претседател на Извршниот одбор на советот за северно Косово, од редовите на Српскиот национален совет на Косово. Од тоа место е сменет во 2001 година бидејќи им се спротистави на радикалните Срби од северот на Косово. Иако Србите го сметаат за заслужен затоа што северниот дел на Митровица е сочуван, така што градот остана поделен на северен српски и јужен албански дел, од тој период ќе остане запаметен како човек кој се состанувал со тогашниот претседател на Митровица, а подоцна и со косовскиот премиер Бајрам Реџепи.
Учествуваше на првите повоени парламентарни избори во Косово на листата на „Повратак“ заедно со тогашните истакнати косовски Срби, со што стана пратеник во косовското Собрание.
Меѓутоа, од 2008 до 2012 година беше дел од Владата во Белград, поточно државен секретар во Министерството за Косово, во време кога на чело на Србија беше демократот Борис Тадиќ.
На последните локални избори во Косово, одржани во октомври 2017 година, повторно се кандидираше за претседател на општина Северна Митровица, но тој и кандидатите на неговата Граѓанска иницијатива СДП, беа под голем притисок да се откажат од независната листа и да ѝ се придружат на „Српска листа“, која ја поддржува официјалната власт во Белград на чело со Александар Вучиќ.
Големиот притисок донесе до повлекување на дури четири кандидати од неговата листа. Во текот на кампањата запален е и автомобилот на Оливер Ивановиќ, што инаку не беше првпат. Неговите автомобили и претходно, повеќепати беа цел на непознати, никогаш откриени, напаѓачи.
Сепак, не се откажа, но не ни успеа да го победи истиот противкандидат Горан Ракиќ. Неговата партија освои три пратенички места во Собранието на општината Северна Митровица.
Неговите соработници исклучително го почитуваа и го сметаа за личност од компромис, човек со автентична српска политика на Косово, која речиси нема кој да ја наследи по неговото заминување.
По убиството, неговите сегашни и поранешни политички соработници оценија дека е убиен најдобриот меѓу косовските Срби, само затоа што смееше да каже гласно кога нешто не е добро, дури тоа да доаѓа и од Белград.
Иако сторителите и налогодавачите на убиството на Ивановиќ досега се непознати, се чини дека токму таквата политика на која не можеше да се влијае од страна, го чинеше живот.
news_share_descriptionsubscription_contact
