Zülfiya Yakup
18 Јануари 2018•Ажурирај: 18 Јануари 2018
ПРИШТИНА (АА) - Убиството на Оливер Ивановиќ не би смеело да биде повод за прекин на дијалогот помеѓу Косово и Србија во Брисел, оценуваат косовските политички аналитичари, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оливер Ивановиќ беше српски опозициски политички лидер на Косово и затоа неговото убиство има сосема поинаква тежина“, смета Ненад Максимовиќ, директор на невладината организација „Центар за мир и толеранција“ од Грачаница. Максимовиќ истакна дека убиството на Ивановиќ не беше убиство на само еден човек, туку и на идејата за поинаков начин на размислување и поинаква политичка опција.
„Тешко е да се шпекулира на кого му е во интерес неговото убиство, но знам сигурно на кого не му е во интерес. Не му е во интерес ниту на еден нормален граѓанин, ниту на секој граѓанин што сака да ужива во плодовите на различното мислење на опозицијата и политичкиот плурализам“, вели Максимовиќ.
Според него, убиството на Ивановиќ е во интерес на сите оние што сакаа да предизвикаат политичка нестабилност во време кога се води дијалог за решавање на косовското прашање, и кога се очекува првото обвинение на Специјалниот суд.
Убиството на Оливер Ивановиќ за политикологот од Приштина, Белул Беќај, не е големо изненадување, со оглед на фактот дека северот на Косово, во последните 18 години, претставува невралгична точка за безбедноста во Косово, а особено поради многуте безбедносни проблеми во последните години, вклучувајќи ги и обидите за разни видови на атентати.
„Мислам дека ова е подготвувано долгорочно и систематски, бидејќи се работи за личност, сакале ние да признаеме или не, која има одреден авторитет и влијание, особено во средината. Од друга страна, баш тој авторитет, на некој начин, е во спротивност со официјалната политика на Белград, така што тоа може да се надоврзе на причината зошто дојде до овој атентат“, рече Беќај.
„Ова е лош терористички чин и кој и да го направил тоа, погрешна му е пресметката“, проценува Беќај, додавајќи дека наскоро мора да се испита и да се открие зошто се случило тоа и на кого му е во интерес. Беќај смета и дека прекинот на дијалогот меѓу Косово и Србија во Брисел поради убиството на Оливер Ивановиќ, кој требаше да продолжи по долга пауза е погрешна проценка на Белград.
„Официјален Белград некако го приватизираше прашањето за Оливер Ивановиќ, иако реално тие беа најгласните борци против неговата политика, имајќи предвид дека тој беше кандидат за градоначалник на Северна Митровица и дека Белград вршеше голем притисок, не само врз него, туку и врз неговата партија, по што четворица кандидати за членови на совет се повлекоа од изборната трка“, се сеќава Беќај.
Тој проценува дека Белград нема причина да го приватизира убиството на Оливер Ивановиќ, бидејќи со таа логика и косовската страна може да се повика на неговото убиство и да го прекине дијалогот, а впрочем дијалогот не треба да зависи од тоа, туку токму тоа треба да биде причина двете страни да се вразумат и да најдат рационално решение за излез од оваа ситуација.
Максимовиќ, исто така, верува дека прекинот на дијалогот, поради убиството на Ивановиќ, е излишен и непотребен чин.
„Мислам дека во прашање е една дневнополитичка игра, дека влогот е многу поголем од било кој поединец, и мислам дека дијалогот ќе продолжи, но на ниво на претседатели“, изјави Максимовиќ.
Во исто време, според мислењето на политикологот Беќај, Оливер Ивановиќ бил контроверзна личност со два профила.
„Првиот профил е базиран на поддршката на политиката на Слободан Милошевиќ, бидејќи тој беше директно и индиректно вклучен и во текот на тој временски период. Од друга страна, го имаме Оливер Ивановиќ, кој можеби е најдобар, најблизок, најавторитарен соработник на институциите на системот на Косово, иако тој никогаш не ја призна независноста на Косово“, рече Беќај.