Zülfiya Yakup
06 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
ПРИШТИНА (AA) - Апелациониот суд во францускиот град Колмар уште еднаш ја одложи одлуката по повод барањето на Србија за испорачување на Рамуш Харадинај, лидерот на Алијансата за иднина на Косово, кого српското обвинителство го обвинува за воени злосторства во текот на војната на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што по рочиштето изјави Рамуш Харадинај, судот најави дека на 27 април ќе донесе конечна одлука. Харадинај додаде дека денеска со соочил со обвиненија, кои според него се неосновани и политички.
„Ние сме во право и правдата ќе победи", порача Харадинај.
Рече дека пред судот изјавил дека не избегал ниту од косовскиот, ниту од странски закон, како и дека „на 29 ноември 2012. година излегла вистина и потврдено е кој и колку е чист", алудирајќи на ослободувачката пресуда на Хашкиот трибунал, каде тогаш по втор пат бил ослободен од обвиненија за воено злосторство. Истакна дека и не ја познава и нема да ја признае јурисдикцијата на Србија, бидејќи Косово се одделило од Србија.
Апелациониот суд на минатото рочиште одржано на 2. март побара дополнителни информации од Србија, која Харадинај го обвинува за воено злосторство во текот на војната на Косово. Харадинај тогаш оцени дека тоа е срамна одлука на францускиот суд и дека тој е политички заложник.
Харадинај на аеродромот во Базел го задржа француската полиција на 4. јануари врз основа на српската потерница. После тоа, на 12. јануари е ослободен со услов да остане во Франција до одлуката на судот на барање на Србија за негово испорачување. Харадинај, поранешен косовски премиер и поранешен командант на Ослободителната војска на Косово, два пати пред Хашкиот трибунал е ослободен од обвиненија за воено злосторство.