Vesna Besiç
09 Декември 2016•Ажурирај: 10 Декември 2016
САРАЕВО (АА) - Комесарот на ЕУ за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, денес во Сараво го предаде Прашалникот на Европската комисија, а властите на БиХ имаат рок од шест месеци да дадат одговори за Европската комисија да влезе во процес на одлука за доделување статус кандидат за БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
Хан му го врачи прашалникот на претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.
БиХ на 15 февруари поднесе апликација за членство во ЕУ, којашто Европската комисија ја прифати и во септември одлучи до БиХ да достави Прашалник како наредна фаза на патот на БиХ кон кандидацискиот статус за ЕУ.
Врз основа на досегашните искуства на другите земји што ја поминаа таа фаза, се очекува БиХ да даде одговор на потенцијални 2.500 прашања, иако се проценува дека Прашалникот за БиХ би можел да содржи и над 3.000 прашања. Денес ќе се дознае точниот број на прашања на кои треба да одговори БиХ.
Прашалникот на Европската комисија за подготовка на мислење за барањето за членство е аналитички инструмент на политиката за проширување на ЕУ, кој Европската комисија го користи за да ја оцени подготвеноста на државата што поднесува барање за членство да стекне статус на кандидат и да ги отвори преговорите за пристапување кон ЕУ, за што на крајот одлучува Советот на ЕУ и Европскиот совет.
Прашалникот содржи детален список на прашања, кои со својата структура ја следат структурата на критериумите за членство во ЕУ, а целта е преку одговорите да се направи сеопфатен увид во политичкиот, правниот, социјалниот, економскиот и административниот систем на земјата.
Бројот на прашања се разликува од земја до земја, па хрватскиот прашалник содржи 4.560, за Македонија 4.666, Албанија 2.280 прашања, Црна Гора 2.178, Србија 2.483 прашања. При доставувањето на прашалникот, Европската комисија го утврдува рокот во кој треба да бидат доставени одговорите на прашањата, што вообичаено изнесува два до четири месеци. За Хрватска, овој период е три месеци, за Македонија, Албанија, Црна Гора, четири месеци и Србија два месеца.
Откако ќе ги анализира одоворите, Европската комисија може да достави дополнителни прашања со цел да се разјаснат доставените одговори или за да се добијат информации за новите сознанија. Бројот на дополнителни прашања зависи од содржината на одговорите на првобитно доставените прашања, нивото на деталите што биле содржани во одговорите, обемот на информациите што фалат итн. Сите наведени држави добија дополнителни прашања. За пример ги земаме дополнителните прашања за Србија и Македонија.
Со одговорите на прашањата треба да се достават и преводи на англиски јазик на важечките прописи во различни области, што укажува на важноста на Прашалникот и неговата аналитичка димензија.