Husamedin Gina
27 Април 2021•Ажурирај: 28 Април 2021
СКОПЈЕ
Од 28 април, забраната за движење почнува од 21:00 часот, отворените делови на угостителските објекти ќе работат до 20:30 часот, а новите мерки ќе важат до 15 мај, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На денешната седница Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе измени и дополнувања на мерките за заштита и спречување на ширењето на Ковид-19.
Со овие измени и дополнувања, како што се вели во писменото соопштение од Кабинетот на Владата, од утре, 28 април (среда), забраната за движење на населението и на возилата од јавниот превоз на целата територија на државата, наместо од 20:00 ќе важи од 21:00 до 5:00 часот наредниот ден.
Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан бајрам.
Според соопштението од Владата, почнувајќи од 28 април сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти и тоа до 20:30 часот, по што треба да бидат затворени за посетители.
Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично, останува.
Исклучок од ова се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата што се сместени во овие објекти, кои остануваат да работат како и досега.
Соодветно на овие исклучоци ќе се применуваат адаптираните Протокол за отворање и работа на кафетериите, Протокол за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана и Одлука за превентивни препораки, времени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од Ковид-19.
Согласно препораките на Комисијата, останува забраната за работа на сите вежбалници, фитнес-клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање во затворен простор, а дејноста може да ја извршуваат на отворен простор согласно соодветниот наменски протокол.
Новите мерки важат до 15 мај.