Admir Fazlagic
05 Јули 2018•Ажурирај: 06 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Кривичниот суд во Скопје денеска беа соопштени пресудите на седуммината обвинети лица за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села од Алијансата на Албаниците, во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година. Според пресудите, напаѓачите добија вкупно 81 година затвор, јавува Anadolu Agency (AA).
Судијката Славица Андреевска ги изрече пресудите за седуммината обвинети. Кире Ѓорѓиевски доби 13 години затвор, Андреј Мицов 10 години и шест месеци, Оливер Ошавковски 10 години и шест месеци, Николче Димитриевски 10 години и шест месеци, Александар Јаневски – Тошта 13 години, Никола Војминовски 13 години и шест месеци и Коста Делев 10 години и шест месеци.
Судијката Андреевска, опишувајќи кој и како го извлекол Села од Прес-центарот во Собранието и како го удирале по глава и тело, рече дека обвинетите со умисла се обиделе да го лишат од живот пратеникот Села. Според нејзините зборови, во затворските казни, ќе им биде пресметано и времето поминато во притвор.
Обвинителот Дарко Јакимовски по изрекувањето на пресудата побара до правосилноста на пресудата обвинетите да останат во притвор. За Војминовски и Јаневски, тој побара да им се одреди мерка куќен притвор, поради влошена здравствена состојба.
Адвокатот на обвинетиот Андреј Мицов, побара куќен притвор за него поради лоша здравствена состојба со респираторните органи.
Судечкиот совет го прифати предлогот на обвинителот Јакимовски, а го отфрли на адвокатот на обвинетиот Мицов, бидејќи како што рече судијката Андреевска, во затворската установа има услови обвинетиот да го добие здравствениот третман.
На изрекувањето на пресудата во судницата не беше присутен пратеникот Зијадин Села.
Против изречената пресуда странките имаат право на желба до Апелацискиот суд Скопје. Во едно од претходните судења за овој случај на Стојан Павлевски му беше изречени казна затвор од 3 години, а на Цејо Георгиевски 1 година и 2 месеца.
Првично, во случајот за обидот за убиство на пратеникот Села во Собранието на Република Македонија, беа обвинети десетмина, но Обвинителството пред да се започне со завршните зборови го повлече обвинението против Сашо Сенков, за кого обвинителот посочи дека нема доволно докази оти го сторил делото.
Потсетуваме, вечерта на 27 април минатата година, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, во хаотична ситуација, демонстрантите кои беа собрани пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во собраниската зградата.
Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.