Zülfiya Yakup
09 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
ПРИШТИНА (АА) - Апелациониот суд во францускиот град Колмар на 2. март ќе ја донесе одлуката за испорачување на лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај, на Србија, беше соопштено на рочиштето што се одржа денес пред тој суд, јавува Anadolu Agency (AA).
Србија го товари Харадинај, како поранешен командант на Ослободителната војска на Косово, за воено злосторство за време на судирите во Косово.
Според косовските медиуми, Харадинај пред судското тело се изјасни се противи на неговото испорачување на Србија, оценувајќи го барањето на Србија и целиот овој случај како потполно политички.
Рамуш Харадинај на 1. февруари, на рочиштето пред францускиот суд доби обвинение за воени злосторства, поднесено од страна на Србија, но тогаш рочиштето за разгледување на барањето за негово испорачување на Србија беше закажано за денес.
Рамуш Харадинај на 4. јануари беше задржан од страна на француската полиција на аеродромот во Базел, врз основа на српска потерница. Потоа, на 12. јануари беше условно ослободен и мораше да остане во Франција сѐ до одлуката на судот во врска со барањето на Србија за негово испорачување. По истата потерница Харадинај е уапсен и во Словенија, но беше ослободен.
Правните експерти од Косово тврдат дека не постои правна основа Харадинај да се испорача на Србија, затоа што Србија нема јурисдикција над граѓаните на Косово. Од апсењето во Франција на Харадинај, поранешниот косовски премиер, во Косово се одржани повеќе протести во земјата, на кои се бараше неговото ослободување.
Инаку, Харадинај пред Хашкиот трибунал беше двапати ослободен од обвиненијата за воено злосторство.