СКОПЈЕ (АА) - Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Федерика Могерини, телефонски разговараше со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со косовскиот претседател Хашим Тачи, во врска со убиството на политичарот Оливер Ивановиќ во Северна Митровица ова утро, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува во соопштението на официјалната веб страница на Европската Унија (ЕУ), во разговорот, високата претставничка остро го осуди убиството и изрази сочувство до неговото семејство и пријатели.
„Таа ги истакна очекувањата дека надлежните органи на правдата ќе сторат сѐ за пронаоѓање на сторителите и ќе ги изведат пред лицето на правдата без одлагање. Мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС, ќе ги поддржи властите во согласност со својот мандат“, се вели во соопштението.
Могерини, исто така, ги повика сите страни да покажат смиреност и воздржаност и да се дозволи правото и правдата да го сторат своето.
- Реакции за убиството на Ивановиќ од странските мисии во Косово -
Во врска со убиството на Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, реагираа и претставниците на странските мисии во Косово кои го осудија убиството, а надлежните институции ги повикаа да работат на расветлување на случајот.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово, амбасадорот Јан Брату, е шокиран и длабоко потресен од веста дека денес во Северна Митровица е убиен Оливер Ивановиќ.
„Тој беше еден од најистакнатите претставници на косовските Срби речиси две децении. Тој покажа неуморна посветеност во корист на нeговата заедница и беше многу почитуван соговорник во Косово“, рече амбасадорот Брату.
„Убиството на Оливер Ивановиќ, предизвикува длабока вознемиреност. Во текот на овие години имав привилегија да го запознаам лично и секогаш сум се восхитувал на неговиот интелект, спокојство и посветеност. Гледајќи како некој политичар може да биде ладнокрвно убиени во 2018 година во Косово е катастрофална помисла. На најстрог можен начин го осудувам овој грозоморен чин и повикувам на спроведување на законот, и сите актери да направат сѐ што е можно сторителите да се изведат пред лицето на правдата. Ова ќе биде голем тест за владеењето на правото во Косово“, рече амбасадорот Брату.
Мисијата на ОБСЕ во Косово испрати искрено сочувство до семејството, пријателите и соработниците на Ивановиќ.
Специјалниот претставник на генералниот секретар и шеф на УНМИК (UNMIK), Захир Танин, е шокиран од убиството на Оливер Ивановиќ, лидерот на граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, кое се случи утринава во близина на неговата канцеларија во Северна Митровица, и силно го осудува тој акт.
Тој верува дека истражните власти ќе работат брзо и ефикасно и верува оти сите меѓународни агенции на терен се подготвени да ги поддржат властите, и на кој било начин да помогнат во брзото апсење на лицата одговорни за ова злосторство, се соопштува од УНМИК.
„Најдлабоко сочуство до семејството и пријателите на господин Ивановиќ во мое име и од целото семејство на ОН“, изјави Танин.
Исто така, американскиот амбасадор во Косово, Грег Делави, го осуди убиството на Ивановиќ ова утро.
„Ги повикувам сите правосудни институции во Косово, особено сега кога полицијата, обвинителите и судовите се интегрирани, брзо и професионално го истражат овој инцидент и ги изнесат сторителите пред лицето на правдата“, рече Делави.
Тој ги повика сите страни да ја избегнат опасната реторика и истакна дека е потребно да се работи во процесот на нормализирање на односите и подобрување на животот на граѓаните на Косово и Србија, информираа од Амбасадата на САД во Косово.
Потсетуваме, Полицијата на Косово потврди дека утринава во улицата Сутјеска, во северниот дел на Митровица, дошло до употреба на огнено оружје, со кое е застрелан српскиот политичар од Косово, Оливер Ивановиќ.
Полицијата наведува дека Ивановиќ бил префрлен во Клиничкиот болнички центар во Митровица на реанимација, по кое дежурните лекари констатирале смрт кај политичарот.
- Оливер Ивановиќ -
Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, командуваше со српските паравоени групи во војната во Косово, беше осуден на 9 години затвор во 2016 година за злосторства извршени врз цивили Албанци за време на војната. Врховниот суд ја поништи одлуката во 2017 година и нареди повторно судење. Ивановиќ се бранеше од слобода.