Senita Şeherçehayiç
22 Ноември 2017•Ажурирај: 22 Ноември 2017
САРАЕВО (АА) - Во судницата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, започна читањето на пресудата против Ратко Младиќ, воен командант на Армијата на Република Српска, јавува Anadolu Agency (AA).
Младиќ се појави во судницата и присуствува на изрекувањето на казната, иако неговата одбрана претходниот ден бараше терминот на изрекување на пресудата да се одложи, со оправдување дека обвинетиот е во лоша здравствена состојба.
Хашкиот трибунал го товари по 11 точки, од кои две се однесуваат на геноцидот.
Ратко Младиќ е обвинет за геноцид во две точки од обвинението - оној извршен над бошњачкото население во Сребреница во 1995 година, за што постојат и други пресуди на меѓународните судови, како и во шест босанско-херцеговски општини (Фоча, Кључ, Котор-Варош, Приједор, Сански Мост и Власеница) во текот на 1992 година.
Пет точки од обвинението Младиќ се товари за злосторства против човештвото (прогони, истребување, убиства, депортација и други нехумани дела). Во четири точки е обвинет за кршење на законите или обичаите на војување (убиства, тероризирање, противправни напади на цивили, земање заложници).
Обвиненијата против поранешниот командант на Главниот штаб на Армијата на РС вклучуваат започнување на кампања на снајперски напади и бомбардирање на цивили во Сараево, од мај 1992 до ноември 1995 година, каде што загинаа најмалку 10.000 цивили, вклучително 1.601 дете.
Според обвинението на Младиќ од МКТЈ, кое е поднесено во 1995 година, тој се товари за земање заложници од Обединетите нации за време на воздушните напади на позициите на ВРС, кои во мај и во јуни 1995 година ги спроведе НАТО.
Првото обвинение на МКСЈ против Младиќ беше подигнато пред самиот крај на војната во БиХ, на 25 јули 1995 година. Меѓутоа, Младиќ 16 години се криеше од лицето на правдата.
Обвинителите Питер Мекклоски, Алан Тајгер и Дермон Грум побараа од судот, на Младиќ да биде изречена казна доживотен затвор, максимум што судот може да определи.
Од друга страна, во завршното излагање на крајот од четиригодишното судење, одбраната побара ослободителна пресуда.
Пресудата ја донесува тричлениот Судски совет на хашкиот трибунал, предводен од холандскиот судија Алфонс Орие.
Користејќи лажен идентитет, Младиќ се криеше 16 години, а беше уапсен во Србија, на 26 мај 2011 година, по што беше екстрадиран во Хашкиот трибунал.
Неговото судење траеше пет години.