Admir Fazlagic
10 Јули 2018•Ажурирај: 10 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, како претставник од Владата на Република Македонија, вчера присуствуваше на инаугурацијата на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, што се одржа во Претседателската палата во Анкара, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Кабинетот на министерот Ќахил се наведува дека на свеченоста присуствувале 22 претседатели, 28 премиери и претседатели на парламенти, меѓу кои и претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, претседателот на Партијата за движење на Турците и пратеник во Собранието на Македонија, Енес Ибраим, и членот на Советот за безбедност на Република Македонија, Фуркан Чако.
„Министерот Ќахил за време на свеченоста ја искористи можноста да се сретне со претседателот Ердоган и оствари кратка средба на која ги пренесе своите искрени честитки“, се вели во соопштението.
Турскиот претседател Ердоган во своето обраќање пред Претседателската палата во Анкара по повод инаугурацијата за претседател, изрази надеж дека неговото преземање на мандатот во рамките на новиот претседателски систем ќе биде од корист не само за Турција, туку и за целото човештво.
Пред церемонијата, во Големото народно собрание на Република Турција претседателот Ердоган положи свечена заклетва како претседател на државата за наредниот петгодишен мандат.