БЕЛГРАД (АА) - Односите на Србите и Албанците се и ќе бидат мерило за успешност на целиот регион, а и на Европа во долготрајниот процес на помирување, изјави денес министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
На меѓународната конференција „Срби и Албанци: По кој пат понатаму?“ во Белград, на првата сесија под назив „Колку се познаваме? Што нè спојува, а што раздвојува?“, министерот за надворешни работи на Србија изјави дека станува збор за тема која е од суштинска важност за минатото, сегашноста и иднината на двата народа.
„Во времето во кое живееме, но и во периодот кој е непосредно пред нас, односите на Србите и Албанците се и ќе бидат мерило за успешност на целиот регион, а би рекол и на Европа, во долготрајниот процес на помирување, надминување на постоечките разлики и воспоставување меѓународна доверба“, истакна Дачиќ.
Како што објасни министерот, не постои народ на Балканот чиј живот е ограничен исклучиво со границите на неговата територија, затоа, и двата народа, и Србите и Албанците мораат од историските настани да извлечат свои поуки.
Дачиќ нагласи и дека Србија е определена за активно и прогресивно дејствување во правец на промовирање и одржување мир и стабилност, и дека е подготвена да разговара за сите теми, бидејќи смета дека кај сите нации во регионот е потребен мир.
„Сметаме дека патот на дијалогот е императив во решавањето на сите проблеми и конфликти“, наведе Дачиќ, додавајќи дека мора да се најде долгорочно и одржливо решение.
Според неговите зборови, Белград силно се залага за дијалог со Приштина, бидејќи смета дека само преку дијалог може да се дојде до решение.
Сепак, тој истакна дека сите резултати од Бриселскиот дијалог не се во потполност задоволувачки, и дека не е никаква тајна дека односите на Србија и Албанија се заострени поради прашањето за Косово.
„Србија е заинтересирана за соработка во областа на евроинтеграциите со Албанија. Логично е дека сите земји меѓусебно се поддржуваат пред членките на ЕУ“, додаде тој.
Тој укажа и на значењето на Берлинскиот процес во кој е создаден амбиент за спогодбено решавање на конфликтите.
Дачиќ го поздрави организирањето на ваквите конференции, со учество на српските и албанските експерти, но и со странски.
Како што нагласи тој, потребно е народите сами меѓу себе да се обединат и да бараат решенија за сите отворени прашања.
„Ние во регионот, сите сме браќа и сестри, затоа не дозволувајте некои други да нè разделат“, изјави тој.
Запрашан за најавата на албанските советници на Бујановац, Прешево и Медвеѓа, дека ќе одржат собир на кој би се зазел заеднички став за дијалогот на Белград и Приштина во Брисел, а дека усвоената декларација ќе биде проследена и на српската и косовската Влада, Дачиќ рече дека им советува да не си играат.
„Ќе реагираме политички... Ако мислат дека ќе го провоцираат мирот и стабилноста, мислам дека се лажат“, додаде тој.
Пратеникот на Европскиот парламент, Едуард Кукан, изјави дека институциите во Брисел ги гледаат односите на Србите и Албанците во регионален контекст.
„Никој нема дилема дека и Србија и Албанија се важни фактори во регионот и ги гледаме како дел од процесот на проширување на Европската Унија и затоа, потребно е двете земји активно да учествуваат“, рече тој.
Тој изрази уверување дека односите помеѓу Србија и Албанија се добри, дека ќе придонесат за целиот регион, и спротивно, доколку има проблеми во односите помеѓу двете земји, тоа ќе донесе проблеми и на целиот регион.
„Исто така сакам општествата и народите на двете земји да работат активно на меѓусебната соработка“, објасни тој, истакнувајќи ја важноста на честите средби на лидерите на Србија и Албанија, што долгорочно дава добар пример и на обичниот народ.
Ригелс Халили од Центарот за источноевропски студии на Универзитетот во Варшава се согласи дека Косово е центар на проблемот меѓу Србија и Албанија, кој сè повеќе станува српско-српски или албанско-албански проблем, отколку српско-албански проблем.
Тој укажа на важноста на политичарите во овој процес, за да се постигне подобрување на односите на двете земји и народите.
Учесниците на конференцијата ги поздравија директорката на Новинската агенција „Танјуг“ (Tanjug), Бранка Ѓукиќ, и директорката на албанската Новинска агенција ATA, Армела Красниќи.
Ѓукиќ изјави дека конференцијата е организирана со цел размена на идеи за тоа дали можат, и како и каде понатаму двата најбројни народи на Балканот, додека Красниќи истакна дека со помош на Берлинскиот процес е олеснета размената на мислења меѓу Србите и Албанците, и дека улогата на медиумите во подобрувањето на односите на двата народа е поголема од кога било, за да се разбијат предрасудите кои постојат за и меѓу нив.
news_share_descriptionsubscription_contact
