Bedrudin Brljavac
30 Јуни 2021•Ажурирај: 30 Јуни 2021
ЗАГРЕБ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, престојува во официјална дводневна посета на Хрватска, на повик на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Милановиќ по состанокот со Пендаровски изјави дека двете држави немаат, ниту ќе имаат отворени прашања.
Како што рече, разговараа за европскиот пат на Северна Македонија и можностите за воена соработка.
„Нема да биде едноставно. Ќе треба многу уверување бидејќи гледаме дека од ЕУ доаѓаат многу неинформирани изјави. Хрватска знае колку упорност е потребно за да се остварат тие цели, а истото ја чека и Северна Македонија“, рече Милановиќ на прес-конференцијата со Пендаровски.
Разговарано е и за тоа дека Бугарија одби да прифати преговарачка рамка за Северна Македонија и со тоа повторно ја блокира на европскиот пат. Имено, Бугарија бара Северна Македонија да признае дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет имаат бугарски корени и за тоа да се учи во учебниците од историја.
„Речиси сите прашања се внатрешнополитички, а не надворешнополитички, па така и овој проблем во кој Северна Македонија повторно се најде. Еве, да ја кажеме аналогијата околу идентитетот и правата на сопствениот идентитет. Што би било кога Хрватска би го довела во прашање црногорскиот јазик или бошњачкиот јазик (официјалниот назив е босански јазик). Тоа е нашата соседна држава Босна и Херцеговина, тоа е мнозински народ. До вчера беа босански муслимани или само муслимани. Ние тоа го прифативме бидејќи тоа се прифаќа. Затоа што тешко некому можеш да му го одземеш правото да се нарекува со некое име и јазикот да го нарекува со тоа име, па за мене бошњачкиот јазик е нормална работа. Што би било кога би го оспорувале, тоа е погрешно и неморално. Црногорскиот јазик, исто така. Некој ќе каже дека не постои. Постои. Дел е од идентитетот на таа држава и таа заедница. Кога ќе почне да се влегува во нечиј интимен простор во така деликатни работи како што е идентитетот и правото на име и правото на јазик, тоа никогаш добро не завршува“, рече Милановиќ.
Изјави и дека Северна Македонија и Албанија веќе долго чекаат на почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ.
„Северна Македонија на тоа напорно работи. Албанија, исто така. Држењето на Албанија на мраз е нечесно и неинтелигентно. Сакале или не, тоа ќе се протолкува дека ги држат на мраз, не поради корупција туку поради тоа што се земја во која мнозинството жители се од исламска вероисповед. Треба да се одлучи, може ли земја која мнозински е населена со муслимани, па дури тоа да е земја и од 3 милиони жители, да биде членка. Според мене, може и мора, но доколку тоа предолго се одложува, луѓето ќе сфатат некои пораки и ќе отидат во друга насока. Тие две држави треба да ги почнат преговорите што поскоро“, рече претседателот на Хрватска.