Admir Fazlagic
08 Јули 2017•Ажурирај: 09 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, е наградена со Златен медал на форумот Кран Монтана, за нејзините активности, проекти и иницијативи од хуманитарен карактер, што и беше врачен на церемонија во рамки на 28. Годишна сесија на форумот Кран Монтана, во Барселона, соопштија од кабинетот на претседателот Иванов, пренесува Anadolu Agency (AA).
По повод добиената награда, сопругата на македонскиот претседател, Маја Иванова, истакна дека активностите што како сопруга на претседателот на Република Македонија ги презема, се во областа на здравството, образованието и имаат социјален, но пред се хуманитарен карактер.
„Кога мојот сопруг ја презеде функцијата, почуствував дека можам да ја насочам својата енергија и своите активности, моето знаење и мојот ентузијазам за да поддржам, за да потикнам или реализирам иницијативи кои што ќе бидат за општо добро. Мојата цел ја насочив кон две сфери и тоа кон активности кон жените и кон децата, а посебно кон онаа најранливата категорија на децата со посебни потреби и со аутизам. Вложивме многу напори, многу иницијативи ги преточивме во проекти коишто добија своја реализација“, посочи Иванова.
Како што рече тааа, под нејзино покровителство беа отварањето на Центарот за сензорска терапија за децата со аутизам, како и отварањето на Детскиот ургентен центар. Таа истакна дека важни проекти се реализирани со целосна финансиска помош на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).
„Одовде можам да ви најавам и еден нов проект, една убава иницијатива што прерасна во реализација. За неколку дена ќе биде отворен и Центарот за интензивна нега на Детската клиника, проект што се одвиваше под мое покровителство, исто како и Ургентниот центар, се реализирани со целосна финансиска поддршка на турската агенција ТИКА“, рече Иванова.
Златен медал на форумот Кран Монтана се доделува на етаблирани имиња од меѓународната јавност како признание за постигнувања во насока на похуман свет.
Сопругата на македонскиот претседател е вклучена во бројни активности што имаат социјален, образовен, здравствен предзнак, а пред се хуманитарен карактер и најмногу се посветени на децата, на нивното здравје и на нивните права, здравата исхрана и навики.
Под покровителство на Иванова во Скопје беше отворен Центар за сензорна терапија на деца со аутизам, а ја предводеше и националната кампања за отворање на првиот Ургентен центар на Детската клиника, прв од таков вид во Република Македонија и регионот.
Иванова е покровител на повеќе проекти и иницијативи кои се однесуваат на жените, нивните права и женското здравје, меѓу кои серозевите кампањи, посветени на борбата против ракот на дојка.
Сопругата на претседателот Иванов поддржува бројни општествено-корисни иницијативи и проекти во чиј фокус се ранливите категории.