Besar Ademi
01 Август 2017•Ажурирај: 02 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Премиерите на Република Македонија и на Република Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, во Скопје потпишаа договор за пријателство, добрососедство и соработка. Премиерите на двете земји, на заедничката прес-конференција изјавија дека потпишувањето на договорот е пример за добрососедство меѓу двете земји, и покажува дека земјите од регионот имаат европско лидерство, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот беше потпишан на македонски јазик, во согласност со Уставот на Република Македонија, и на бугарски јазик, во согласност со Уставот на Република Бугарија. Договорот предвидува поддршка од Софија во евро-атлантските аспирации на Македонија, соработка на билатерално и на мултилатерално ниво, подобрување на транспортот и врските, олеснување на царинските и граничните формалности, определувањето на средства за регионални инфраструктурални и прекугранични проекти, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на двете земји.
Премиерот Зоран Заев истакна дека потпишувањето на овој договор покажува оти таму каде што има политичка волја и прогресивна иднина, проблемите ќе бидат решени. Според него, овој договор треба да биде идеја, пример и модел на соработка во регионот и пошироко.
„Република Македонија и Република Бугарија направија историски чекор напред. Заедно го поставивме минатото како темел на иднината со тоа отворивме пат кон стабилност и развој за двете земји и за балканскиот регион”, изјави Заев.
Заев истакна дека договорот покажа оти владите на двете земји се одговорни за своите граѓани, бидејќи, како што рече, договорот обезбедува отворени можности за економски развој на двете земји, кои ќе придонесат за квалитетот на животот на граѓаните.
„Решивме да градиме пријателство, да подадеме рака и да соработуваме. Да ги следиме потребите на нашите граѓани, којшто се убедени дека ќе имаат бенифит од таа соработка, а ние да си ја завршиме работата како сервис на тие граѓани. Преку ваквите договори, меморандуми да ги отвориме перспективите на ваквата соработка. Билатералната и добрососедската соработка, како и регионалната, се перспективите на цела Југоисточна Европа, што, секако, е дел од Европа. И Македонија е дел од Европа”, рече Заев.
Сепак, македонската опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, го отфрли договорот потпишан со Бугарија, тврдејќи дека тоа ѝ штети на историјата на Република Македонија. Оваа партија претходно изјави дека е добро да се потпише договор за добрососедство, за зајакнување на соработката меѓу двете земји, сепак, според нив, сѐ уште не е постигнат договор за некои неизлечени прашања кои се однесуваат на идентитетот на македонскиот народ. Од оваа партија велат дека Скопје сака Софија и официјално да се изрази за македонскиот јазик, кој го смета како дијалект на бугарскиот јазик.
Запрашан од новинарите околу ова, премиерот Бојко Борисов ја повика македонската опозиција да го поддржува потпишувањето на договорот, бидејќи тоа е во корист на двете земји, и додаде дека „ова е демократија, критики ќе има во секое време, и да даде Господ да се реализираат потпишаните меморандуми“.
„Јас не знам дали тоа е првпат, но меѓу двете земји, без посредници и без директиви, е постигнат договор за мир, пријателство и добрососедство. Со ова, ние одлучивме да ја зголемиме конкурентноста на знаењата на младите, а тоа ќе ги направи силни и независни. Не е случајно тоа што луѓето велат гледајќи 'назад ќе паднеш, па решивме да се погледнеме напред", рече Борисов.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, кој придружуван од страна на бугарската државна делегација престојува на дводневна посета на Македонија, беше примен со највисоки државни и воени почести пред Владата на Република Македонија. Во просториите на Владата се оствари двојна средба меѓу премиерите, како и меѓу делегациите на двете соседни земји.
По средбите следеше церемонија на потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Програмата на посетата на бугарската владина делегација продолжи со билатерални работни средби на посебни министри на двете делегации, додека во попладневните часови домаќин на бугарската делегација ќе биде спикерот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, и претседателот Ѓорге Иванов.
Во меѓувреме, на вториот ден од посетата, бугарската државна делегација ќе учествува во одбележувањето на националниот празник Илинден во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што премиерот Бојко Борисов заедно со својот македонски колега, Зоран Заев, ќе положат венец на гробот на Гоце Делчев, по што бугарската делегација ќе замине во Бугарија од аеродромот „Александар Велики“.