Besar Ademi
22 Декември 2016•Ажурирај: 23 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во соработка со НВО „Инфоцентар“, во рамките на проектот „Цивилно набљудување на народниот правобранител“, во периодот од 1 ноември до 15 декември оваа година ја следел медиумската покриеност на народниот правобранител во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во истражувањето во кое биле вклучени 24 локални медиуми се вели дека иако во периодот на набљудувањето народниот правобранител бил многу активен, некои медиуми објавиле многу малку информации за неговите активности.
Според ова истражување, медиумите не објавиле информации со клучна содржина за состојбата на човековите права и односите на државните институции со граѓаните, за нивните права и слободи, но се вели дека дел од медиумите што известувале за неговата работа биле неутрални и информативни, без никакви дополнителни информации.
Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска, истакна дека многу критики на народниот правобранител биле погрешно разбрани од страна на Владата, наместо да се сфатат како мотиватор на она што треба да се промени во работата на органите и институциите на државната управа.
„Тој во светот е замислен да функционира како независна институција којашто би требало секогаш да ја потсетува власта за границите на нејзиното владеење. Треба да претставува коректор и неговите препораки, неговите барања, неговите размислувања и ставови искажани во јавноста треба секогаш да претставуваат потсетник за власта, во која насока треба да размислува за политиките што ги спроведува“, изјави Пировска.
Од друга страна, народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети, рече дека ако институцијата што ја предводи нема добра комуникација со медиумите и со граѓанското општество, многу потешка ќе биде работата на народниот правобранител во заштитата на човековите права и подобрувањето на општеството.
„Јас често велам дека медиумите се сојузници на институцијата народен правобранител, вклучувајќи го и граѓанското општество. Заедно можеме да постигнеме многу повеќе и да ги промовираме, превенираме и да ги штитаме човековите права и слободи. Од друга страна, заедно можеме да влијаеме и на унапредување на системот во нашето општество“, посочи Мемети.
Во однос на видот на медиумите, во истражувањето се наведува дека телевизиите помалку известуваат за народниот правобранител во своите информативни програми, а повеќе за неговата работа информираат порталите. Анализата вели дека провладините медиуми и јавниот радиодифузен сервис се многу малку заинтересирани за известување околу работата на народниот правобранител.