Oktaj Omeragikj
21 Декември 2024•Ажурирај: 23 Декември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ), Нуман Куртулмуш, кој престојува во тридневна посета на Северна Македонија, изјави дека основната филозофија на Туркије во однос на Балканот е гаранција, раст и зачувување на мирот и стабилноста, известува Анадолу.
Претседателот на турскиот парламент ја започна официјалната посета на Северна Македонија со средба со неговиот колега Африм Гази, со кој по состанокот имаше заедничка прес-конференција.
Куртулмуш го изрази своето задоволство што имал плодна средба тет-а-тет и меѓу делегациите со Гаши.
Тој го нарече важен и значаен фактот што Гаши својата прва билатерална посета во странство ја оствари во Туркије во октомври, додавајќи дека односите меѓу Туркије и Северна Македонија се непоколебливи од прогласувањето на независноста на земјата.
„Можеме јасно да кажеме дека станува збор за односи кои постојано се развиваат“, рече претседателот на турскиот парламент.
„Исто така, нашата соработка продолжува да расте во многу области, вклучително трговијата и одбранбената индустрија“, додаде Куртулмуш.
Нагласувајќи дека најмногу туристи во Северна Македонија доаѓаат од Туркије, Куртулмуш рече дека „услугите и проектите што ги спроведуваат ТИКА, Институтот Јунус Емре и Фондацијата Маариф на многу места во Северна Македонија придонесуваат за развојот и издигнувањето на земјата“.
Тој рече дека имаат намера досегашните добри односи меѓу владите да продолжат на меѓупарламентарно ниво и уште повеќе да се приближува заедничките работи со помош на парламентарната дипломатија.
„Основната филозофија на Туркије во однос на Балканот од распадот на Југославија е да се гарантира, зголемува и одржува мирот и стабилноста“, изјави Куртулмуш, додавајќи дека целта на Туркије е да го зголеми и развие пријателството со сите балкански земји.
Претседателот на турскиот парламент рече дека решавањето на споровите меѓу земјите од регионот преку преговори засновани на взаемна согласност е една од главните перспективи на Туркије.
„Бидејќи сѐ уште се свежи траумите што се случија по распадот на Југославија и за да не западнеме во таква ситуација, сметам дека братството, пријателството, мирот и соработката треба да бидат заеднички интерес меѓу сите балкански земји“, рече Куртулмуш.
„За Балканот да напредува побрзо во развојните процеси, ние како Туркије сме подготвени да ја завршиме секоја задача што му доликува на сосед и пријател“, нагласи тој.
Спикерот на Турскиот парламент изрази желба за правично решение на војната меѓу Русија и Украина, конфликт кој, како што рече, го засега и регионот. Куртулмуш нагласи дека Туркије од самиот почеток играла посредничка улога за завршување на овој конфликт како што е можно поскоро.
Тој изрази жалење за штетата причинета врз Амбасадата на Северна Македонија во Киев по руски напад вчера.
Куртулмуш го спомена и падот на режимот на Башар Асад во Сирија, додавајќи дека Туркије ја извршува својата должност да се воспостави мир и да се изгради демократски процес кој ќе ги вклучи сите Сиријци без разлика на етничката, верската или политичката припадност.
Зборувајќи за израелските напади врз Газа, тој рече дека светот не успеал да го спречи овој геноцид во палестинската енклава и покрај тоа што се случува повеќе од една година пред очите на светот, додавајќи дека Туркије прави се обид да се воспостави мир за Палестинците.
Инаку, Куртулмуш денеска во Скопје пристигна заедно со делегација во која се заменик-претседателот на групата на АК Партијата, Бахадир Јенишехирлиоглу, претседателот на Интерпарламентарната група за пријателство Туркије-Северна Македонија, и пратеникот од Бурса, Ахмет Килич, пратееник на АК Партијата од Ван, Кајхан Туркменоглу, пратеник на АК Партијата од Чорум, Јусуф Ахлатџи, заменик-претседателот на Интерпарламентарната група за пријателство Туркије - Северна Македонија, пратеникот на ЏХП од Киркларели, Веџди Гундогду, пратеникот на МХП од Бурса, Февзи Зирхлиоглу, пратеник на партијата Саадет од Измир, Мустафа Билиџи и амбасадорот на Туркије во Скопје, Фатих Улусој.
По средбата во законодавниот дом со Гаши, Куртулмуш во текот на денот ќе учествува на програмата организирана по повод 21 декември, Денот на образованието на турски јазик во Северна Македонија.