Zülfiya Yakup
16 Август 2017•Ажурирај: 16 Август 2017
ПРИШТИНА (АА) - По консултативниот состанок со претставниците на политичките субјекти, претседателот на конститутивната седница на Собранието на Косово, најстариот пратеник Адем Микуловци, продолжението на конститутивната седница го закажа за 24 август. На дневен ред на седницата ќе биде изборот на претседател и потпретседател на Собранието на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
На консултативниот состанок не присуствуваа претставници на движењето „Самоопределување“, а сите други субјекти го поддржаа предлогот продолжението на конститутивната седница да се закаже за следниот четврток, кој во името на коалицијата ПАН (Демократската партија на Косово-Алијансата за иднината на Косово-Иницијатива за Косово), ја изнесе потпретседателот на Демократската партија на Косово, Енвер Хоџај. Тој рече дека ПАН за кандидат за претседател на Собранието ќе го предложи Кадри Весели, претседателот на Демократската партија на Косово.
Хоџај изрази загриженост поради начинот на кој се организирани претходните четири продолженија на конститутивната седница, односно без консултации со коалицијата ПАН која на изборите освои најмногу гласови, а на која според одлуката на Уставниот суд од 2014 година ѝ припаѓа местото претседател на Собранието. Според него, ПАН не го бојкотираат, ниту го одолговлекуваат процесот на конституирање на институции, туку до сега не бил подготвен.
„Целта на предвремените избори одржани пред неколку недели, не беше само формирање на нова Влада и ново Собрание, туку целта беше новата Влада и Собранието да ги адресираат некои од темите кои се во застој со решавањето, и тоа како да се соочиме со новите предизвици кои стојат пред Косово и пред регионот“, кажа Хоџај.
Во на моменти острата дебата на претставниците на ПАН и на ЛАА, претставниците на коалицијата ЛАА (Демократскиот сојуз на Косово-Алијансата ново Косово-Алтернатива) изразија сомневање дека пратениците од ПАН ќе се појават на седницата на 24 август, земајќи предвид дека претходните четири седници ги бојкотираа.
Шефот на пратеничката група на ЛАА, Авдула Хоти, рече дека неговата коалиција учествува на сите состаноци закажани на регуларен начин, така што сите треба да преземат одговорност и да не го одолговлекуваат процесот.
„Никој нема монопол врз формирањето на институциите. Институциите на државата ги формира мнозинството, доколку го имате тоа мнозинство вие треба веќе попладнево да свикате седница на Собранието и да ги изберете институциите. Цената за граѓаните е многу голема, бидејќи повеќе од два месеци не можеме да избереме институции, повеќе од два месеци ветувате дека имате мнозинство, а не доаѓате во Собранието“, рече Хоти.
Од друга страна, Билал Шерифи од Иницијатива за Косово, која е дел од ПАН, нагласи дека пратениците од ПАН не го одолговлекувале процесот, туку им биле потребни дополнителни консултации. Тој нагласи дека како одолговлекување би се сметала ситуацијата во која коалицијата ПАН има мнозинство, а не доаѓа на седниците.
Сите претставници на малцинските партии го поддржаа предлогот продолжението на седницата да се закаже за следната недела, со порака дека процесот не треба да се одолговлекува.
Конститутивната седница на Собранието на Косово започна на 3 август, а свикувана е трипати, но не можеше да биде одржана поради бојкотот на пратениците на коалицијата ПАН. Со оглед на тоа дека Теута Ругова, пратеничка од коалицијата ЛАА, ја поддржа коалицијата ПАН во Собранието на Косово, засега никој не го има потребното мнозинство од 61 глас. На изборите на 11 јуни, коалицијата ПАН освои 39 пратеници, движењето „Самоопределување“ 32, а коалицијата ЛАА има 29 пратеници. Малцинските субјекти имаат загарантирани 20 пратенички места, од кои 9 освои Српската листа, која ја поддржува Белград.