Admir Fazlagic
15 Август 2017•Ажурирај: 16 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Гоце Седлоски денеска поднесе оставка од функцијата шеф на стручниот штаб на фудбалскиот клуб Вардар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ова го соопшти најтрофејниот македонски фудбалски клуб преку својот веб сајт.
„Донесов одлука да си поднесам оставка од местото шеф на стручен штаб на ФК Вардар, за доброто на сите во клубот. Ова размислував да го направам уште после вториот натпревар со ФК Копенхаген кој што го загубивме. Сепак, успеав да соберам сили и да го започнам македонското првенство. После загубениот натпревар со Шкендија, овие два дена размислував добро и денеска ја донесов оваа одлука. Тие два порази ме погодија многу бидејќи јас како човек не сум навикнат да губам, но и фудбалскиот клуб Вардар не е навикнат на порази", пишува во образложението на Седлоски.
Според неговите зборови, тој е адоволен од резултати во изминатите две сезони, како и на прикажаното на двомечот со Малме.
„Горд сум на постигнатото. Успеавме да освоиме две титули во две години, а горд сум и на победата над Малме и пласманот во третото квалификациско коло од Лигата на шампионите, како и домашната победа со Копенхаген", додава Седлоски, упатувајќи благодарност до играчите, управата и сопственикот на клубот, за кои, како што напиша, имал несебична поддршка во целиот период.
„Благодарност и до сите вработени во Фудбалскиот клуб Вардар. Жалам, дојде време да се разделиме. На фудбалскиот клуб Вардар му посакувам успех на европска сцена во плеј-офот од Лигата на Европа против Фенербахче, како и во домашното првенство и Купот на Македонија", вели досегашниот предводник на Вардар.
Македонскиот првоглигашки фудбалски шампион в четврток го очекува првиот дуел од пресметката со турскиот клуб Фенербахче во плеј-офот за Лига Европа.