Zylfije Adem Jakupi
13 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
ПРИШТИНА (АА) - Градоначалникот на косовската општина Дечане, Башким Рамосај, прогласи вонредна состојба во општината поради наводите дека голем број граѓани добиле труење од нечиста вода за пиење, јавува Агенција Анадолија (АА).
По оваа одлука, сите институции на локално ниво се должни да ја зголемат својата подготвеност за справување со оваа вонредна состојба што се случи по неодамнешните труења. Околу 1.500 граѓани побарале помош во здравствените центри во Дечани поради сомнение за труење со вода.
Директорот на Главниот центар за семејна медицина во Дечани, Селмон Бериша, рече дека на 99 отсто од пациентите им била пружена медицинска помош во Дечани, додека мал број биле упатени во болницата во Пеќ. Според него, здравствената состојба на пациентите е добра.
Иако косовските медиуми објавија дека се евидентирани два смртни случаи, министерот за здравство, Арбен Витија, го негираше тоа, велејќи дека тие случаи не се поврзани со труење. Тој изјави дека Општина Дечани ќе има приоритет во снабдувањето со лекови и сè што е потребно.
Директорот на Националниот институт за јавно здравје на Косово, Насер Рамадани, на прес-конференцијата рече дека претходните лабораториски тестови не покажуваат дека граѓаните биле затруени со вода.
„Лабораториските резултати што излегоа денес, во моментов покажуваат дека немаме никакви траги на труење со вода. Ова не значи дека не постои можност за појава на хидрични инфекции, но ние ќе продолжиме со постојана анализа и на водата и на тестовите на пациентите“, рече Рамадани.