Балкан

Косово бара поддршка од Црна Гора за членство во Советот на Европа и НАТО

„Сметаме дека е време да се стави крај на дилемите кога е во прашање политиката на проширување и обединување на цела Европа... Дојде време Европа да ја повтори својата првобитна порака дека на сите земји од Западен Балкан местото им е во ЕУ“

Agim Sulaj  | 18.05.2022 - Обновена : 19.05.2022
Косово бара поддршка од Црна Гора за членство во Советот на Европа и НАТО Фото: Erkin Keçi/AA

ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, со високи државни почести во Приштина го пречека претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, во рамки на неговата прва официјална посета на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).

На прес-конференцијата по средбата на двајцата претседатели, Османи рече дека граѓаните на Косово високо го ценат придонесот на Црна Гора како една од соседите поддржувачи на Косово од прогласувањето на неговата независност во 2008 година.

Косовската претседателка ја опиша посетата на Ѓукановиќ како историска од аспект на билатералните односи, додека, рече таа, на средбата разговарале за непоколебливата посветеност за мирот и стабилноста во регионот.

Според неа, Косово и Црна Гора делат јасна заедничка визија за евроатлантската иднина, затоа со Ѓукановиќ се согласиле да ја продлабочат соработката за да се обезбеди консолидација на напорите за уште повеќе стабилност, мир и развој во регионот.

„Денеска сигурно дека побарав поддршка од Црна Гора за членството на Косово во Советот на Европа, како и во другите организации, и како што знаете и вие, од посебна важност, особено во актуелната безбедносна ситуација во Европа е НАТО, особено за Косово, НАТО Партнерството за мир како прв чекор за членство во НАТО“, рече Османи.

Таа нагласи дека Црна Гора е пример за тоа како нејзиното членство во НАТО послужило за поголема стабилност и безбедност во целиот Западен Балкан.

Претседателот на Црна Гора, Ѓукановиќ, истакна дека Косово и Црна Гора споделуваат ист пат, односно членството во Европската Унија.

Ѓукановиќ рече дека на средбата со Османи се согласиле дека ориентацијата на двете земји е системот на европски вредности и дека членството на Западен Балкан во ЕУ е одлична европска геополитичка инвестиција, како и инвестиција во мирот, стабилноста и развојот.

„Сметаме дека е време да се стави крај на дилемите кога е во прашање политиката на проширување и обединување на цела Европа. Мора да ги спречиме дисонантните пораки кои доаѓаат од различни адреси во Европа. Дојде време Европа да ја повтори својата првобитна порака дека на сите земји од Западен Балкан местото им е во ЕУ“, нагласи Ѓукановиќ.

Црногорскиот претседател истакна дека Црна Гора како земја која била конзистентна и способна на политички начин да ги решава сите отворени прашања со нејзините соседи, го поддржува дијалогот меѓу Приштина и Белград, и дека само тоа може да доведе до сеопфатно и правно обврзувачко решение за да обезбеди можност Косово да се развие како демократска земја.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.