Bekim Laci
07 Ноември 2018•Ажурирај: 07 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во Собранието на Македонија денес го изгласа предлогот за предавање на извештајот со кој се предложува на Собранието да му го одземе мандатот на сегашниот пратеник, поранешен премиер на Македонија, Никола Груевски, за кого веќе постои конечна одлука со која е осуден на затворска казна од две години, јавува Anadolu Agency (AA).
За одлуката на Комисијата, за која наскоро се очекува да се дебатира на пленарна седница во Собранието, гласаа пет пратеници. Откако пратениците на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија „против“, ја напуштија седницата.
Пратникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Велјановски, во својот говор обвини дека институциите на земјата се користат за политички цели, додека процесот против Груевски го нарече политички мотивиран, а за судовите, како што рече, не се независни.
„Република Македонија денес за жал нема самостојни независни судови, а пратениците се судат во политички мотивирани процеси заради искажано мислење. Пресудата за пратеникот Никола Груевски е донесена во процес во кој ниту е докажана штетата на државата, ниту е докажана некаква материјална корист со која што противправно се стекнал пратеникот. Предметот кој е главен доказ за ова таканаречено дело сега е во рацете на некој друг кој секојдневно се вози со тоа дело“, рече Вељановски, според кого случајот се употребува за дефокусирање на јавноста.
Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, во врска со причините зошто треба на Груевски да му се одземе пратеничкиот мандат, истакна дека пред сѐ оваа функција е привилегија и обврска, и додаде дека поранешниот премиер не е достоен да ја врши оваа функција, бидејќи, како што рече тој, ја изневерил довербата на граѓаните.
„Главната причина поради која што мислам и поради која што тврдам дека мандатот на пратеникот Никола Груевски треба да му биде одземен е токму фактот дека пратеникот е осуден за кривично дело на злоупотреба на власт, кривично дело на злоупотреба на довербата на граѓаните. Предмет на оваа расправа е дали Никола Груевски со пресуда од две години казна затвор за дело злоупотреба на власт, го прави достоен да продолжи да биде пратеник и да продолжи да зема плата од џебот на граѓаните", нагласи Богоевски.
Објаснување дадоа и пратениците од парламентарната група исклучена од ВМРО-ДПМНЕ, кои, иако не се дел од Комисијата, истакнаа дека нема да гласаат за одземање на имунитетот, поради што во четвртокот е формирана Парламентарната комисија за помирување, при што сметаа дека гласањето е забрзано.
Уставот на Македонија предвидува дека мандатот на еден пратеник може да му се одземе со 80 гласа „за“ во Собранието.
Потсетуваме, Апелациониот суд - Скопје ја потврди затворската казна од две години за Груевски во случајот „Тенк“, која Судот од пониско ниво му ја изрече во мај оваа година, додека на другиот обвинет, Ѓоко Поповски, му ја намали на затворска казна од две години.
Според пресудата, Никола Груевски извршил влијание врз другите двајца обвинети на тој начин што од Гордана Јанкулоска, како тогашна министерка за внатрешни работи, побарал МВР да купи патничко возило „мерцедес“, а Јанкулоска го поттикнала Ѓоко Поповски при купување на возилото да фаворизира една компанија.
Исто така, Јанкулоска е дел од истиот процес, но пред неколку месеци процесот против неа беше издвоен поради нејзината бременост.