Mustafa Talha Öztürk
08 Февруари 2020•Ажурирај: 10 Февруари 2020
ПОТОЧАРИ (АА) - ВЕСНА БЕШИЌ/ТАЛХА ОЗТУРК -
Личните предмети на жртвите од геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година, во кој беа убиени над 8.300 муслимани во Босна и Херцеговина од страна на српските сили, ќе бидат изложени на постојана поставка, и ќе сведочат пред идните генерации за бруталноста на геноцидот, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Личните предмети ќе бидат изложени во музејот во Меморијалниот центар „Поточари“ во Сребреница, источна Босна и Херцеговина“, истакна кустосот на музејот, Азир Османовиќ.
Во музејот ќе бидат поставени предмети пронајдени во текот на ископувањата во масовните гробници, како и лични предмети донирани од роднини на жртвите.
Со изложувањето на предметите се има за цел прикажување на вистинската страна на геноцидот за тој да не биде заборавен, како лекција за идните генерации.
Досега, меѓу предметите има рачни часовници, искинати делови од алишта, лични карти и друго.
- „Секој предмет раскажува по една приказна“ -
Османовиќ за Агенција Анадолија истакна дека проектот го започнале пред околу три месеци со една цел - да не се заборави и да не се повтори бруталноста што се случи пред 25 години.
„Ние, исто така, собираме предмети што сметаме дека им припаѓале на жртвите, со детален преглед на местата каде што се наоѓаа оние што се обидоа да избегаат од геноцидот“, рече тој.
Додаде дека досега собрале речиси 350 предмети и дека секој предмет раскажува по една приказна.
Хајра Ќатиќ, која го изгубила синот Нихад во геноцидот, е една од оние кои подарија предмети за музејот.
Нихад (26) за време на војната во БиХ бил новинар; неговата мајка претпоставува дека тој не можел да стигне до слободната територија.
Телото на Нихад сѐ уште не е пронајдено, а неговата мајка не губи надеж дека еден ден ќе бидат пронајдени барем дел од неговите посмртни останки.
„Ако сакаме геноцидот да не биде заборавен, треба да пишуваме, да зборуваме за него и да ги изнесеме доказите што ги имаме“, истакна Ќатиќ.
Амра Бегиќ Фазлиќ, која во геноцидот го изгубила својот татко, рече дека тие не знаеле како да ги заштитат личните нешта на татко ѝ.
„Го однесов последното писмо на татко ми, неговиот рачен часовник и очилата што ни ги испрати преку возило на Брзата помош.“
- Опсадата и геноцидот -
Сребреница беше опколена од српските сили кои сакаа да ја заземат територијата од Бошњаците и Хрватите.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) ја прогласи Сребреница за „заштитена зона“ пролетта 1993 година. Но, српските трупи предводени од генералот Ратко Младиќ - кој подоцна е прогласен за виновен за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид - влегоа во зоната.
Холандските трупи не успеаја да дејствуваат, а српските сили ја окупираа областа, и само на 11 јули 1995 година убија околу 2.000 мажи и момчиња. Околу 15.000 жители на Сребреница избегаа кон околните планини, но српските трупи фатија и убија над 6.000 од нив во околните шуми.
Над 8.000 мажи и момчиња Бошњаци беа убиени откако силите на босанските Срби ја нападнаа Сребреница во јули 1995 година, и покрај присуството на холандските трупи што требаше да дејствуваат како меѓународни мировници.