Adem Mehmedovic
09 Февруари 2020•Ажурирај: 10 Февруари 2020
СРЕБРЕНИЦА (АА) - Членови на делегацијата на Светската муслиманска лига денес го посетија Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, спомен- обележјето и гробиштата на жртвите од геноцидот во 1995 година. Делегацијата ја предводеше Мухамед бин Абдул Карим бин Абдулазиз ал-Иса, генералниот секретар на Лигата, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во рамките на посетата, членовите на Светската муслиманска лига им оддадоа почит на жртвите од геноцидот над Бошњаците во Сребреница, и се сретнаа со претставници на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари и со претставници на здруженијата на преживеаните од геноцидот.
Генералниот секретар на Светската муслиманска лига, Ал-Иса, рече дека е битно на Балканот да се чува мирот.
„Нема сомнение дека е битно да постојат добри односи меѓу различните нации на Балканот затоа што тоа води кон мир. Тоа е она за што ние се залагаме, а исто така и нашата вера се залага за воспоставување мир. Да се надеваме дека и другите така ќе постапуваат. Ситуацијата во целиот свет ќе се доведе во ред само на ваков начин, кој вклучува меѓусебна комуникација и добри односи“, рече Ал-Иса, и додаде дека историјата е најдобриот сведок на геноцидот во Сребреница:
„Историјата е најдобриот сведок и таа најдобро говори за тоа што се има случено во Сребреница. Кој не верува нека погледне во историјата. Нам ни е жал што се случија вакви работи, без разлика дали тука или во остатокот од светот. Тука не говориме за поединци и за нивните ставови. Ние сакаме да слушнеме што вели историјата за тоа, и тоа на крајот да биде пресудно.“
Генералниот секретар на Светската муслиманска лига на прашањето да го прокоментира состанокот од пред неколку дена со српскиот претседател Александар Вучиќ и патријархот Иринеј, кои го негираат геноцидот во Сребреница, рече:
„Ние не сакаме да зборуваме за поединци и за нивните ставови, туку својата пресуда ја засноваме на фактите и реалноста што се има случено. Ние веруваме во фактите и во вистината што се има случено тука. Не сакаме никого да присилиме да верува во тоа, ние сме со историјата. Покрај историјата, гледаме и кон иднината. Повикуваме на мир и градење сигурна иднина. Извлекуваме корист и порака од минатото. Сочувствуваме со сите убиени овде и го молам Бога да им подари рај“, рече Ал-Иса.
Шефкет Хафизовиќ, претседателот на Управниот одбор на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, смета дека денешната посета е многу значајна.
„Денес, претставниците на Светската муслиманска лига им оддадоа почит на жртвите од геноцидот во Сребреница. Искрено се надеваме дека оваа организација ќе работи на промовирање на вистината за геноцидот“, рече Хафизовиќ.
И Мунира Субашиќ, претседателка на Здружението „Движење на мајките на енклавите Сребреница и Жепа“, исто така, смета дека денешната посета е значајна.
„Денешната посета е многу значајна. Би била позначајна доколку претставниците на Светската муслиманска лига првин дојдоа во Сребреница, а дури потоа во Белград. Тука имаме забелешка, затоа што знаеме дека оние што убиваа во Сребреница се благословени од страна на црквата. Прво требаше да дојдат во Сребреница. По холокаустот, Сребреница е место каде што треба да дојдат сите. Некои треба да побараат прошка, други да бидат со нас, а трети да извлечат поука од минатото“, рече Субашиќ.