СРЕБРЕНИЦА
- Весна БЕШИЌ
Оптимизам и враќање. Жителите на Сребреница велат дека тоа ги навело да се вратат во своите претходни огништа, домовите во кои се родени, живееле и минале многу среќни моменти.
Некогаш богатата чаршија живееше со „полни гради“, а денес од неа заминуваат голем број млади луѓе. Работат само неколку кафулиња, нема ресторани, месарници, фурни и сето она што е потребно за нормален живот. Во текот на денот може да се сретнат неколку жители на градот, меѓутоа, кога ќе се затворат вратите на малубројните фирми и институции, градот го обзема тишина.
- „Се вратив пред 15 години и тогаш бев оптимист дека овој град ќе заживее“
Елвис Шпијодиќ, момче кое во 1995 година како 11-годишник го преживеа геноцидот, се врати во Сребреница пред 15 години.
„Не дојдов на првите два џеназа (погреби) кои беа во Поточари. Откако потоа дојдов на еден од нив, нешто ме повлече да се вратам тука, имајќи предвид што сѐ имам преживеано тука. Се вратив пред 15 години и тогаш бев оптимист дека овој град ќе заживее. Во градот имаше некаков оптимизам, работеа многу кафулиња, ресторани, хотели, фурни... Меѓутоа, во последните четири или пет години гледам настани, ситуации и можам да кажам дека ова е град кој постепено умира. Геноцидот го направи своето, уништување на еден народ на овие простори“, раскажа Шпијодиќ.
Во Сребреница денес нема фурни, работат само неколку кафулиња, нема хотели, месарници и останати содржини потребни за живот во еден град.
„Кога ќе отидете во град, ќе забележите дека нема ниту еден ресторан, хотел. Има две или три кафулиња... За жал, често кажувам дека ова ќе биде град на пензионери. Тука останаа само пензионери. Гледаме дека во куќите живеат само по едно или две лица, и тоа постари. Младите заминуваат, не само од Сребреница, туку и од другите градови и од овие помали средини, бидејќи тука, за жал, нема перспектива за живот. Не се отвораат нови фирми. Во последно време сѐ почесто размислувам да го напуштам градот“, рече Шпијодиќ.
Тој смета дека се потребни фирми и вработувања за младите да останат во Сребреница.
- „Мене, пред сѐ, ме водеше љубовта кон родниот крај“
Сенад Ѓозиќ (42) во 2009 година се вратил во Сребреница.
„Тогаш се вратив сам. По завршувањето на студиите ми се укажа можност за работа во Музејската збирка на Народната библиотека на Сребреница. Тогаш се вратив сам, а мајка ми една година подоцна. Се оженив и формирав семејство“, раскажа Ѓозиќ.
Тој смета дека ситуацијата, кога се во прашање вработувањата во Сребреница, не е задоволувачка.
„Голем број се оние што се занимаваат со земјоделство, сточарство и оние што живеат многу тешко“, рече Ѓозиќ.
Во разговорот тој рече дека во градот живее веќе долго време и се навикнал на живот без некои нешта, како што се фурни, ресторани, кина..., што се нормални во некои поголеми градови.
„Да дојдев денес по првпат да живеам во Сребреница, би ми било незамисливо да живеам без тие нешта што се нормални во некои други градови. Меѓутоа, бидејќи тука живеам веќе 12 години, човек се навикнува и таквата состојба станува нормална. Импровизираме, сѐ е работа на навика. Мене, пред сѐ, ме водеше љубовта кон родниот крај. Кога го сакаш родното место, тогаш се навикнуваш на сите потешкотии со кои се соочуваш“, појасни Ѓозиќ.
Според неговите зборови, споредувајќи ја 2009 година, кога се вратил, со денешната ситуација, колку луѓе имало тогаш во Сребреница и што сѐ се работело тогаш, економскиот и социјалниот живот во градот се движи по надолна линија.
„На некој начин може да се каже дека ова е град кој умира и станува град на старци. Тренд е луѓето масовно да заминуваат во Западна Европа во потрага за работа. Без разлика на сите потешкотии со кои се соочуваме, мене сѐ уште ми е убаво тука и не планирам нигде да заминам“, рече Ѓозиќ.
- Мајките на овој град живеат за Долината на белите нишани
Сребреница, враќањето и Долината на белите нишани (надгробни споменици), како што го нарекуваат Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, е она за што живеат мајките на овој град, во кој во летото 1995 година е извршен геноцид над неколку илјадници мажи и момчиња од несрпска националност.
Мал број од нив се вратија во градот од кој се протерани и избегаа во деведесеттите години од минатиот век. Поголемиот дел останаа сами бидејќи им се убиени сите членови на семејството. Денес, тие сакаат само мир, вистина и соживот во градот во кој одлучиле да останат до крајот на животот.
- Оние што останаа, ми се чини дека стравуваат дека и ним ќе им се случи нешто лошо
Фадила Ефендиќ е една од нив. Се вратила од Поточари, каде што на гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари ги погребала сопругот Хамед и синот Фејзо.
„Дојдовме на урнатини и се боревме да опстанеме. Потребна е голема желба да се соочиш со вистината и да тргнеш напред. Градот го прават луѓето, а не зградите. Голем број луѓе се убиени, а оние што останаа, ми се чини дека живеат во некој страв дека и ним ќе им се случи нешто лошо. Вистина е дека и јас бев оптимист на почетокот, иако сѐ беше срушено и се забележуваа остатоците од убиствата“, рече Ефендиќ.
- Геноцидот во Сребреница
Во геноцидот извршен во Сребреница во текот на 1995 година, која во тоа време беше заштитена зона на Обединетите нации, убиени се околу 8.000 лица, главно мажи и деца од бошњачка националност, а протерани се повеќе од 40.000 жени, деца и старци.
Посмртните останки на оние што се погребани на гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари откриени се во десетици примарни и секундарни масовни гробници по војната во Босна и Херцеговина.