Vesna Besic
08 Јули 2021•Ажурирај: 09 Јули 2021
СРЕБРЕНИЦА (АА) - ВЕСНА БЕШИЌ -
За некои, патот на спасот, за други, пак, патот на смртта на кој илјадници сребреничани, во обид да преминат до слободната територија, ги изгубија животите во јули 1995 година, и денес, по повеќе од две децении, буди тешки спомени кај преживеаните.
Ужасите што ги преживеале, им се пренесуваат на помладите генерации - преживеаните сребреничани зборуваат за убиствата и заседите низ кои морале да поминат за да стигнат до слободната територија - Тузла или Кладањ.
Енвер Чешиќ (47) е еден од нив. Во јули 1995 година тој имаше само 21 година. Во интервју за AA тој потсети на оние жешки јулски денови во Сребреница и на хаосот што владееше меѓу жителите.
„Во тој момент настана општ хаос за да не може да се разбере што се случува, од каде нè напаѓаат непријателските војници. Во градот владееше општа конфузија, луѓето не знаеја каде одат. Некои одеа кон Поточари, некои во шумата...“, се присети Шечиќ на настаните во Сребреница во јули 1995 година.
Како што рече, тој исто така бил еден од илјадниците мажи и момчиња кои решиле да стигнат до слободната територија - Кладањ или Тузла, низ шумата.
„Не го знаевме патот, некои рекоа дека имаат водичи, други велеа дека имаат ова или она. Толпата рече дека одиме во Шушњари. Никој не можеше да го знае точниот број на луѓе што беа на бензинската пумпа [на влезот во градот] во тоа време. Луѓето бараа излез бидејќи беше очигледно дека Сребреница паѓа. Четниците веќе влегоа во градот“, изјави Шечиќ за АА.
Според него, тие само барале начин да стигнат до Шушњари, местото од каде што илјадници мажи се упатиле кон слободната територија.
„Стигнавме до тоа место, тоа беше како центар за собирање од каде колоната одеше до Тузла. Ги поканив мојот шура и таткото на сопругата да дојдат со нас. Таткото на мојата сопруга тогаш имаше околу 56 години, а мојот шура беше 15-годишно дете. Знам дека заминавме некое време во ноќта“, рече Шечиќ.
За време на пробивот до слободната територија имаше многу тешки моменти, тоа беше голема борба за опстанок.
„Во текот на ноќта ја поминав озлогласената Буква. Сепак, на еден дел од патот ме виде еден сосед кој ми рече дека таткото на мојата сопруга е тешко ранет, а дека шурата ми е убиен. Потоа, јас се вратив во Буква. Тоа беше еден од моите најтешки моменти. Кога стигнав таму, видов илјадници мртви луѓе. Си реков, готово е, никој нема да излезе жив од тука. Тоа беше еден од моите најтешки моменти во тие седум дена. По тоа, не чувствував ниту глад, ниту жед. Ја напуштив Сребреница со околу 80 килограми и дојдов во Тузла со 51“, рече Шечиќ.
Како што рече, во текот на седумте дена на „патот на спасот“, имале неколку заседи.
„Тоа беа заседи што ги преживеав, фала му на Бога. Но, за жал, многу од моите пријатели и соседи не успеаја", рече Шечиќ.
До слободната територија дојдов во седмиот ден.
„Бев во онаа прва група од околу 3.000 луѓе. Имав среќа да го поминам тој седми ден“, порача Шечиќ.
Денес, по 26 години, повторно поминува низ трасата по која се движел во јули 1995 година.
„Кога се приближува закопот и 11 јули, на сите нам кои преживеавме, ни е тешко. Ние живееме со тоа, не знам колку уште ќе можеме да се носиме со тоа. Луѓето кои го преживеаја сево ова, денес умираат, завршуваат во психијатриски болници, на лекувања... Човекот живее, се обидува да зборува дека тука се случил геноцид, но нам, кои преживеавме, ни снемува сила“, рече Шечиќ.