Admir Fazlagic
12 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, преку писмено соопштение реагираше на изјавите на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во врска со преговорите со Грција околу решавање на спорот за името, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, се наведува дека Кабинетот оценува оти вчерашната изјава на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, дека евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности „претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување“.
„Стратешките определби на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО се јасно дефинирани и непроменети. Зачувувањето на уставното име и изнаоѓањето решение кое нема да предизвика уставни промени, во никој случај не е насочено против интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Склучувањето на меѓународен договор содржан во еден или повеќе поврзани меѓусебни документи треба да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а не да предвидува негова измена“, се вели во соопштението.
Во врска со повикот на премиерот Заев за поддршка на евентуалниот договор од страна на сите политички чинители, претседателот Иванов уште еднаш укажа дека е потребен широк национален консензус за изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.
„Претседателот Иванов смета дека е несериозно и неодговорно прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните на Република Македонија, и наметнатите технички барања, да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на двете држави“, стои во соопштението.
Од друга страна, премиерот Заев, коментирајќи го соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов, изјави дека политичарите треба да им служат на граѓаните, а дека граѓаните ќе одлучат на референдум.
„Граѓаните се тие кои ќе одлучат на референдум, а секако јас како премиер и господинот Ѓорге Иванов како претседател треба да им помогнеме на граѓаните“, рече Заев.
Потсетуваме, премиерот Заев вчера одржа телефонски разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас за спорот околу името, при што беше забележано дека е постигнат напредок.