ЗАГРЕБ (AA) - Земјотресот што со јачина од 5,5 степени по Рихтер ги погоди Загреб и околината утрово околу 6:25 часот, по што следуваа низа послаби потреси, резултираше со значителни материјални штети. Едно лице е потешко повредено и се наоѓа во болница, јавува Агенција Анадолија (АА).
На вонредната прес-конференција одржана во Загреб се обратија хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, премиерот на Владата на Хрватска, Андреј Пленковиќ, градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, и членовите на кризниот Центар за цивилна заштита.
„Пораката до граѓаните е: слушајте ги вестите и информациите од надлежните, а тоа во овој момент пред сè е потпретседателот на Владата и Центарот за цивилна заштита. Сè друго што слушате во јавноста можете да занемарите“, порача претседателот Милановиќ.
Премиерот Андреј Пленковиќ ги претстави податоците на Сеизмолошката служба кои велат дека првиот, силен потрес бил со јачина од 5,5 по Рихтер.
„Ова е најсилниот потрес во Загреб во последните 140 години, посилен потрес имаше во 1880 година. Постојат бројни оштетувања на згради, внатрешни оштетувања. Ги повикуваме сите граѓани на внимателност. Во овој момент ќе им препорачаме на повеќето сограѓани во Загреб да бидат пред своите згради и да држат растојание, според препораката на Центарот за цивилна заштита поради епидемијата на коронавирусот. Имаме две кризни ситуации кои се контрадикторни“, рече Пленковиќ.
Најави дека државниот врв ќе ги централизира сите активности околу земјотресот во Загреб и коронавирусот преку Центарот за цивилна заштита и соопшти дека се активирани Хрватската војска и надлежните служби на Градот Загреб да почнат со расчистување на штетите по градот Загреб.
„Едно дете тешко е повредено и се наоѓа во болница“, рече премиерот, а засега нема други информации за смртно настрадани или потешко повредени.
„Градежните статистичари ќе ги проверат зградите, во зависност од штетите, посебно оние згради направени пред 1965 година“, најави премиерот.
„Мораме да бидеме внимателни. Апелирам на сите граѓани да бидат прибрани. Бидете пред своите куќи, држете растојание“, порача Пленковиќ.
Раководителката на Сеизмолошката служба, Инес Иванчиќ, рече дека утрово по 6 часот во Загреб се случил земјотрес со магнитуда од 5,5 по Рихтеровата скала.
По првиот потрес се случиле уште два силни потреса во Загреб и пошироката околина, еден со магнитуда од 5 и другите со магнитуда од 3,7 и повеќе помали забележани потреси.
„По силниот потрес најчесто се случуваат низа последователни потреси кои не можат да се предвидат“, рече Иванчиќ.
„Паниката не ни е сојузник во оваа ситуација“, порача министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош.