Admir Fazlagic
10 Март 2017•Ажурирај: 11 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во седиштето на партијата одржа пресконференција на која, како што рече, ја презентира „програмата на новата влада", пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што изјави Заев, програмата содржи решенија кои треба да овозможат подобар живот на сите граѓани, да обезбедат развој на економијата, правна држава, ефикасни институции и побрза интеграција на Република Македонија во Европската унија (ЕУ) и во НАТО.
Според него, Програмата која е сублимат на СДСМ, но и на останатите партии со кои е обезбедено мнозинството „не ја доведува во прашање унитарноста и суверенитетот на Република Македонија."
Заев истакна дека новата влада ќе биде реформска за исполнување на стратегиските интереси на Република Македонија.
Претставувајќи ја програмата лидерот на СДСМ најави зголемена контрола на буџетот и на трошењето на буџетските пари, независен и ефикасен правосуден систем, еднаков пристап до правдата на сите граѓани, формирање специјално одделение во Основниот суд Скопје 1 за предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), контрола на следењето на комуникациите за кривичните истраги и за безбедносни прашања, како и атмосфера во која ќе се развиваат слободни медиуми.
Исто така, тој најави и расветлување на настаните во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година, како и случаите „Монструм", и „Сопот" изјавувајќи дека ќе побараат и меѓународна поддршка за истрагата.
„Ќе донесеме и закон за унапредување на јазиците, кој ќе овозможи сите граѓани полесно да функционираат во комуникациите со државните институции и тоа да биде во рамките на Уставот", рече Заев, додавајќи дека силно верува во концетот на едно општество за сите.
„Македонија ќе се гради како граѓанска држава. На граѓаните Албанци ќе им овозможиме да комуницираат со институциите на својот јазик. Сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права", рече Заев.
Меѓу другото, тој на денешната пресконференција најави дека ќе чека претседателот Иванов да му го додели мандатот за формирање нова влада.
„Не сакаме да воведуваме нови пракси во Македонија. Затоа сме вака упорни и пред граѓаните и пред господинот Иванов. Сакам да го разубедам господинот Иванов дека нема повеќе платформи и планови, има единствено програма за идна влада на Република Македонија", истакна Заев.
Потсетуваме, претседателот Иванов одби да му до даде мандатот на Зоран Заев, претседателот на СДСМ, изјавувајќи дека „нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независност.