Besar Ademi
07 Мај 2019•Ажурирај: 08 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, на прес-конференцијата по повод денешната посета на папата Франциск во Скопје, изјави дека историската посета на Папата е големо признание кое го доби Северна Македонија во глобалната заедница на прогресивните земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи пред новинарите во медиа-центарот сместен во Домот на АРМ, премиерот Заев истакна дека неговата земја денеска уште еднаш е во фокусот на светското внимание.
„Нашата убава земја денеска е уште еднаш во фокусот на светското внимание. Посетата на неговата светост, првиот човек на Католичката црква и на Ватиканската држава, папата Франциск, како прва историска посета на еден папа на нашата земја е огромно признание за местото што Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји", рече Заев.
Според премиерот Заев, преку посетата на папата Франциск во земјата, Ватикан, Европа и целиот свет ги препознаа вредностите, убавината на различните култури и на етничките заедници кои живеат во едно општество за сите.
„Светата литургија со која папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја е израз на почит на заедништво на нашата земја кое го негуваме со векови. Тоа е силен поотик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот беше пренесена од стотици новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во Северна Македонија", додаде Заев.
Папата Франциск, кој денеска престојува во апостолска посета на земјата, изјави дека „Северна Македонија претставува мост меѓу Истокот и Западот, и место каде што се сретнуваат културни струи, каде што се обединуваат многу посебни карактеристики на овој регион.“
Папата Франциск во својот говор во Претседателската палата, но и на литургијата која ја одржа на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, мултирелигиозното општество на оваа земја го претстави како модел за регионот.
Прашан дали оваа порака на папата Франциск се гледа како зацврстување на напорите за европските интеграции на земјата, Заев одговори: „Ние тука спроведовме многу европски вредности. Една од најдобрите европски вредности е нашето богатство, мултиетничкото општество кое живее заедно, етничките заедници се поддржуваат една со друга и веруваат во вредностите на различните традиции и култури, што е висока вредност на нашето мултиетничко општество. За нас ова е најдобриот дел од Европската Унија, да живееме заедно со сите разлики.“
Папата Франциск имаше одвоени средби со претседателот на земјата, Ѓорѓе Иванов и со премиерот Заев, а во Спомен-куќата на Мајка Тереза се сретна со лидерите на верските заедници, со роднините на Мајка Тереза, а оствари средба и со сиромашните.
Попладне папата Франциск ќе биде испратен со големи почести на Меѓународниот аеродром „Скопје“, каде што и ќе заврши официјалната посета на поглаварот на Католичката црква.