Admir Fazlagic
07 Мај 2019•Ажурирај: 07 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) - Поглаварот на Католичката црква, папата Франциск, во рамки на апостолската посета на Република Северна Македонија, по официјалниот пречек и средбата со претставниците на државниот врв, ја посети Спомен-куќата на Мајка Тереза каде што оствари средба со религиските лидери и граѓани од ранливи категории, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Владата на Северна Македонија, во кусото обраќање, сестрата од редот на Мајка Тереза, му посака добредојде на папата Франциск, нагласувајќи дека особено ѝ е мило бидејќи Скопје е родното место на Мајка Тереза.
Папата Франциск во дворот на Меморијалниот центар „Мајка Тереза“ се сретна и благослови граѓани кои припаѓаат на социјално ранливите категории.
По напуштањето на дворот на Спомен-куќата на Мајка Тереза, папата Франциск, кон плоштадот „Македонија“, каде што чиноначалствуваше со литургијата, се движеше во својот „папамобил“ и се поздравуваше со присутните верници.
По литургијата, предвидено е папата Франциск да ја посети Католичката црква во Скопје, каде што ќе оствари екуменска и меѓурелигиска средба со младите.
Исто така, најавено е дека во Католичката црква Папата ќе има средба и со свештениците и нивните семејства.
Според агендата, по посетата на Католичката црква, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ папата Франциск ќе биде испратен со Воената почесна гарда, со што официјално завршува неговата посета на Северна Македонија.