Furkan Abdula
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Државниот врв на Северна Македонија упати честитки по повод победата на Македонската фудбалска репрезентација против Италија во рамки на плејоф полуфиналето за пласман на Светското првенство во Катар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку објава на својот Фејсбук профил упати честитки по овој повод.
„Нашите фудбалски херои веќе ја испишаа историјата на македонскиот фудбал. Честитки за победата, пожртвуваноста, храброста и борбеноста во играта на нашата македонска фудбалска репрезентација против силниот противник. На чекор до Катар, благодарни сме на радоста што ни ја приредувате“, напиша тој.
Пендаровски, исто така, на својот Твитер профил објави честитка по овој повод, и етикетирајќи го португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо, го напиша следното: „Кристијано биди спремен, ти си на ред“.
Честитка по повод победата упати и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој на својот Фејсбук профил напиша: „Каква сензација! Браво момци, браво!“.
„Вие сте вистински херои, оваа вечер покажавте што значи борбеност, желба, истрајност! Неверојатна победа која е резултат на многу труд и работа, но пред сè љубов кон националниот дрес. Честитки и за селекторот Милевски и целиот тим, оваа вечер нема никогаш да ја заборавиме. Ви благодариме!“, додаде Ковачевски.
Инаку, Македонската фудбалска репрезентација синоќа го победи европскиот шампион Италија со резултат 0:1 во плејоф полуфиналето за пласман на Светското првенство во Катар.
Со оваа победа над Италија, „црвено-жолтите“ се изборија за меч против Португалија. Доколку победи репрезентацијата на Северна Македонија тоа ќе значи пласман на Светското првенство, што би било прво учество на репрезентацијата на едно светско фудбалско првенство.