Furkan Abdula
28 Ноември 2019•Ажурирај: 30 Ноември 2019
ДРАЧ
Поради земјотресот со јачина од 6,3 степени во Албанија, во Драч и околните области многу згради се урнати. Граѓаните од своите оштетени или разурнати домови ги земаат работите што може да се земат и ги носат во шаторите или хотелите каде што се сместени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во градот Драч продолжуваат работите за пребарување и спасување на граѓаните кои останаа под остатоците од урнатините од земјотресот што се случи во утринските часови во вторникот. Досега се спасени 45 лица, но се истакнува дека под остатоците на урнатините на некои згради можно е да има уште граѓани.
За населението кое поради земјотресот остана на улиците, во неколку делови на Драч се поставени шатори. Од денеска започна процесот на сместување на граѓаните од шаторите во хотели или во други безбедни згради.

Во текот на денот, Драч постојано се тресе, а граѓаните излегуваат на улиците во паника. Времето е студено и дождливо, а поради тоа пак, за граѓаните е потешко да остануваат надвор.
Албанското Министерство за здравство, истакнувајќи дека активностите за пребарување и спасување во подрачјето Туман во Драч се завршени, рече дека на чело со Турција екипи од различни земји продолжуваат со активностите за пребарување и спасување во други области на Драч.
Се наведува дека сѐ уште има граѓани под остатоците на урнатините на зградите, и дека роднините на тие лица со голема внимателност и загриженост ги следат активностите за спасување.
Покрај малите потреси, вчера се случија и големи земјотреси со јачина од 5,6 и 5,1 степен.
Во земјотресот 40 лица ги загубија животите, а повеќе од 750 лица се повредени.

Поради земјотресот, Владата прогласи состојба на природна непогода во Тирана и Драч за период што нема да надмине 30 дена.
Албанскиот премиер Еди Рама кој синоќа ги следеше активностите за пребарување и спасување кои се спроведуваа во остатоците од урнатините на еден хотел, рече дека нема да се заборави помошта на Турција.
Турција со Амбасадата и институциите како што се Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) е првата земја која испрати помош на Албанија, веднаш по земјотресот.
АФАД е вклучена во активностите за пребарување и спасување, а ТИКА обезбедува ќебиња и помош од храна за лицата погодени од земјотресот. Откако ќе стигнат шлеперите од Турција, турската Црвена полумесечина ќе постави 120 шатори.
Од друга страна, албанскиот претседател Илир Мета соопшти дека е откажан државниот прием по повод најважниот национален празник на Албанците, 28 Ноември - Денот на знамето и независноста.

- „Во куќата не е можно да се живее“
Екипата на АА која е на терен во подрачјето Кенет кое се наоѓа на близината на центарот на Драч, забележа дека се урнати неколку две-трикатни куќи, и дека во голем дел од куќите не е можно да се живее.
Исто така, екипата на АА, во центарот на градот забележа 10-катна зграда оштетена од земјотресот.
Аида Балабани од Драч, која живеела на шести кат од таа зграда, во изјавата за дописникот на АА зборуваше за земјотресот со јачина од 6,3 степени кој се случи во вторникот.
Балабани, истакнувајќи дека турскиот јазик го научила за време на своето образование во Бурса, рече дека за време на земјотресот биле дома и дека во тие моменти се наоѓале во шок.
Нагласувајќи дека не е можно да се живее во станот, Балабани рече: „Ние сме сѐ уште во шок. Како што гледате, во станот повеќе не може да се живее. Сѐ уште не можеме да си дојдеме при себе. Најважно е тоа што нашите деца преживеаја, ние преживеавме, и живи сме. Му благодариме на Бога.“