Fatjon Cuka
28 Ноември 2019•Ажурирај: 30 Ноември 2019
ДРАЧ (АА) - По операциите за пребарување и спасување во областите во Албанија погодени од земјотресот на 26 ноември, бројот на загинати се покачи на 48, а стотици други се повредени, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во последните денови земјата беше погодена од неколку други земјотреси, предизвикувајќи материјална штета и паника кај жителите, кои во некои градови привремено ги напуштија своите домови и се засолнија кај нивните роднини.
Министерството за здравство и социјална заштита соопшти дека во земјата продолжува состојбата на готовност, со повеќе од 2.000 лица кои примиле услуги во болници, здравствени центри и кампови за итни случаи од причини поврзани со земјотресот. Според оваа институција, на 790 повредени лица од земјотресот им била укажана лекарска помош во болниците.
Советот на министри на Албанија донесе одлука да прогласи состојба на природна непогода во Тирана и Драч за период не подолг од 30 дена, а истото се очекува да се прогласи и за градот Лач.
Стотици жители кои беа привремено сместени во кампот поставен во Административната единица Тумана од округот Драч, во близина на оштетените објекти и во кампот поставен во градот Драч и некои села, се сместија во хотели и други објекти, а се очекува да бидат сместени и стотици други.
Албанија на 26 ноември беше погодена од силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала, кој беше следен од неколку други земјотреси.
Земјотресот, исто така предизвика значителна материјална штета, уништувајќи и оштетувајќи згради, куќи, културни споменици, установи.
Во меѓувреме, албанското Министерство за одбрана потврди дека официјално завршила операцијата за пребарување и спасување во Тумана, каде што беа пронајдени телата на 22 лица. Според оваа институција, во тек е пребарувањето во Драч, бидејќи постои сомнеж за уште едно лице останато под урнатините.