ОХРИД (АА) – Од минарето на Алипашината џамија во Охрид, реконструирана од страна на Генералната дирекција на вакафи на Турција, по 107 години се слушна езанот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Алипашината џамија, чие минаре беше уништено за време на бомбашките напади за време на балканските војни, по реставраторските работи со пригодна свеченост беше отворена за богослужба.
На церемонијата присуствуваа заменик министерот за култура и туризам на Турција, Ахмет Мисбах Демирџан, претседателот на Исламската верска заедница на Северна Македонија, Сулејман Реџепи, потпретседателот на Управата за верски работи на Република Турција (Дијанет), Бурхан Ашлиен, амбасадорката на Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, генералниот директор на вакафите, Аднан Ертем, заменик претседателот на Собранието на Северна Македонија, Зекир Рамчиловиќ, охридскиот муфтија Самет Хајдари, заедно со сите муфтии од Северна Македонија, потоа претставници на турските институции во Северна Македонија, претставници на политичките партии во земјава, како и други гости.
Заменик министерот за култура и туризам на Турција, Ахмет Мисбах Демирџан, го започна својот говор на отворањето пренесувајќи ги честитките на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на турскиот народ.
Изразувајќи го своето жалење поради земјотресот во Албанија, Демирџан рече дека Турција со Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) е на терен со цел залечување на раните, и дека Турција секогаш ќе биде покрај албанскиот народ.
Изјавувајќи дека се заедно за една добра работа, Демирџан нагласи: „Многу сум среќен што сум дел од оваа добрина - отворањето на божјиот дом.“
Демирџан истакна дека сите што работеле на реставрацијата, и физички и духовно се дел од овој објект.
„Турција и Северна Македонија се различни земји. Но, ниту нашите души, ниту пак нашите месџиди немаат своја земја. Нашите души се единствени, месџидите ни се единствени. Во суштина, кај нас муслиманите, дури и различностите се во единство. Ние така веруваме. Алипашината џамија во Охрид е симбол на клопчето на единство во кое ги топиме различностите. До денеска беше така, и до бесконечност ќе биде така. Ја посакувам истата судбина за сите дела кои ни се доверени од нашето заедничко минато.“
- „Среќни сме што овде ги гледаме сите муслимански заедници“ -
Аднан Ертем, генералниот директор на вакафите, рече дека со инструкциите на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, работат за реконструкции на објектите останати од предците на подрачјето на Балканот.
Ертем, потсетувајќи дека Генералната дирекција на вакафи во Северна Македонија прво ја реконструирала џамијата „Хајдар Кади“, истакна дека ова е втора завршена реставрација на Алипашината џамија.
Наведувајќи дека продолжуваат работите за реставрација на џамијата „Махмут Хоџа“ во Битола, Ертем рече дека се подготвуваат и реставраторските проекти за Иса-беговата и Јахја-пашината џамија во Скопје.
Тој, нагласувајќи дека во секој процес на реставрација има и тешкотии, им се заблагодари на жителите на Охрид, политичките авторитети, Исламската верска заедница и Амбасадата на Турција во Скопје, кои помогнаа да се надминат тие потешкотии.
„Среќни сме што овде ги гледаме сите муслимански заедници“, рече Ертем.
Отворањето на џамијата, за кое муслиманската заедница во Северна Македонија покажа голем интерес, се одржа со учење молитви. По 107 години се проучи езан, а потоа се клањаше попладневната молитва (икиндија).
- Претседателот Ердоган даде особено значење -
Заменик-министерот Демирџан, во изјавата за медиумите пред церемонијата рече дека се сведоци на еден историски момент.
Привлекувајќи внимание на важноста на Генералната дирекција на вакафи на Турција рече дека институцијата се координира со сопствен буџет и дека дава услуги преку коишто луѓето ги прави среќни.
Демирџан, истакнувајќи дека богатството на вакафот е многу значајно за односите со земјите од регионот со кои имаат духовна поврзаност, рече: „Вакафот, тргнувајќи од таа одговорност, денеска ја отвори Алипашината џамија.“
Тој, посочувајќи дека на чело со претседателот Ердоган особена важност на ова прашање му придава и министерот за култура и туризам на Турција, Мехмет Нури Ерсој, рече дека односите со Северна Македонија ќе продолжат да се развиваат уште повеќе.
Демирџан истакна дека населението во Северна Македонија е многу задоволно од институциите на Турција, и додаде: „Ова отворање нема да биде отворање на последен објект - ќе има и во иднина. Ова е последниот прстен прикачен на ланецот на среќа.“
Истакнувајќи дека ова е историски момент, турската амбасадорка во Скопје, Тулин Еркал Кара, истакна дека Република Турција преку разни институции спроведува реставрации во различни земји, и дека на Република Северна Македонија се обрнува посебно значење.
„Оваа џамија беше сон на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган. Би сакала да се заблагодарам на Генералниот директорат на вакаф, Министерството за култура, и сите што придонесоа за оние што носеа цемент. Бидејќи како што можете да видите од минарето, џамијата има многу убав изглед. Оваа џамија ќе служи не само на нашиот народ, туку на сите исламски заедници во светот“, истакна таа.
- „Од џамиите не може да се очекува ништо лошо“ -
Заблагодарувајќи им се на сите што придонесоа за обнова на џамијата Али Паша, првиот човек на Исламската верска заедница на Северна Македонија (ИВЗ), Сулејман Реџепи, рече дека лоши работи не можат да се очекуваат во џамиите, бидејќи како што нагласи, тие се божји дом, исто како и црквите и синагогите.
„Џамијата Али Паша, која денес ја отвораме, е историска џамија во ова поднебје. Таа е дел од отоманското наследство, функционирала со децении и децении, беше во служба на муслиманскиот народ, исламот и целото општество, од џамијата не се очекува ништо лошо“, рече Реџепи.
Заменик-претседателот на Собранието на Северна Македонија, Зекир Рамчиловиќ, истакна дека е многу возбуден што присуствува на отворањето на џамијата Али Паша и им се заблагодари на сите оние што придонесоа за нејзино обновување.
„Голема благодарност до Турција и до турскиот народ и претседателот Ердоган, коишто преку своите институции во Северна Македонија, ТИКА, Турската амбасада, овозможи да има ваков објект во Охрид, после еден век, каде што сите заедно ќе го величаме Алах и Неговиот збор“, рече Рамчиловиќ.
- Реставрацијата чинеше 14 милиони лири (околу 2,2 милиони евра) -
Алипашината џамија во Охрид е изградена во 1573 година од страна на Сулејман-паша, а во 1823 година извршени се поправки од страна на белградскиот везир Али-паша од Мараш. Минарето на џамијата, која беше регистрирана во вакафот Везир Али-паша, е срушено во 1912 година, во бомбардирањето за време на Балканските војни.
Главниот простор на џамијата со една купола започнал да се распаѓа во последните години.
Работите на реставрацијата започнаа по протоколот потпишан на 1 април 2015 година помеѓу Генералната дирекција на вакафи на Турција и Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија.
Работите се одвиваа врз основа на документи подготвени од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Охрид, кои ја прикажуваат оригиналната состојба на џамијата.
Во рамките на реставрацијата, зајакнати се ѕидовите на џамијата, куполата е покриена со олово и повторно е изградено минарето во висина од 32 метри, украсено во согласност со оригиналот, направени се мермерни фонтани, а исто така уредена е и околината.
Реставрацијата чинеше 14 милиони лири (околу 2,2 милиони евра).
Охридската Алипашина џамија е втор реставраторски проект на Генералната дирекција на вакафи на Турција во Северна Македонија, а 13-ти проект за реставрација на целиот Балкан.
news_share_descriptionsubscription_contact
