Fatjon Cuka
28 Ноември 2019•Ажурирај: 28 Ноември 2019
ДРАЧ (АА) - По земјотресот во Албанија во кој загинаа десетици граѓани, а стотици се повредени, соседните земји на Албанија продолжуваат да изразуваат солидарност и да ја нудат својата поддршка и помош со цел нормализирање на ситуацијата, јавува Агенцијата Анадолија (AA).
Министерот за култура на Република Северна Македонија, Хисни Исмаили, ги посети семејствата погодени од земјотресот, кои се привремено засолнети во шатори во близина на стадионот „Нико Дована“ во Драч.
Министерот Исмаили во изјава за АА рече дека Владата на Северна Македонија веднаш презела мерки за давање помош на Албанија, особено на Драч.
Наведувајќи ја и помошта на Северна Македонија во висина од 100 илјади евра, тој рече дека по одлуката за оваа помош, започнале дејствијата на Владата од државните резерви, а се активирале и невладините здруженија.
„Помошта ќе продолжи. И понатаму ќе помагаме колку што можеме. Верувам дека наскоро ќе ги поминемеме овие тешки моменти. Денеска дојдовме овде во Драч да ги посетиме оние што имаат потреба. Тие се сместени во шатори, имаат многу потреби. Мислам дека состојбата постепено ќе се стабилизира“, рече Исмаили.
Од земјотресот што ја погоди Албанија на 26 ноември, според официјалните податоци на албанското Министерство за одбрана, загинаа 40 луѓе, а земјата во последните денови беше погодена и од неколку други земјотреси. Министерството за здравство и социјална заштита соопшти дека на 750 повредени им била укажана лекарска помош во болниците.
Во меѓувреме, албанското Министерство за одбрана потврди дека официјално завршила операцијата за пребарување и спасување во Тумана, каде што беа пронајдени телата на 22 лица. Според оваа институција, моментално операциите за пребарување на тимовите од Албанија, Косово, Турција и од други земји продолжуваат во Драч.