Furkan Abdula,Fatjon Cuka
13 Февруари 2023•Ажурирај: 14 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија и Албанија денес е Ден на жалост во знак на солидарност и почит за загинатите во земјотресите што на 6 февруари ја погодија Туркије и Сирија, јавува Анадолу.
Одлуките за прогласување Ден на жалост ги донесоа владите на Северна Македониј и Албанија.
За време на Денот на жалост, знамињата во овие земји како и пред дипломатско-конзуларните претставништва во странство се спуштени на половина копје.
Владата на Северна Македонија соопшти дека одлуката е донесена како израз на солидарност и почит за големиот број загубени човечки животи во катастрофалниот земјотрес што се случи во Туркије и во Сирија.
„Владата на Република Северна Македонија изразува длабоко сочувство за загубите, до целиот турски народ и до блиските на настраданите во земјотресот во Турција и Сирија“, се вели во владиното соопштение.
- Албанија -
Исто и во Албанија денес е Ден на жалост во чест на загинатите во земјотресите и во знак на солидарност со Туркије.

Врз основа на одлуката на Владата на Албанија за прогласување на Ден на жалост, знамињата во институциите во земјата се спуштени на половина копје.
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, на социјалните мрежи истакна дека на овој ден се молат и изразуваат солидарност со семејствата кои се погодени од земјотресите на турско-сириската граница.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, на социјалните мрежи сподели фотографија од албанско знаме пред Советот на министри, спуштено на половина копје.
Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтер ги погодија јужните делови на Туркије со епицентар во Кахраманмараш на 6 февруари, а бројни спасувачки екипи сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите. Во земјотресите во Туркије животот го загубија најмалку 31.643 луѓе, додека во Сирија загинаа најмалку 3.575.