Admir Fazlagic
13 Февруари 2023•Ажурирај: 14 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претставниците на државниот врв на Република Северна Македонија, политичките лидери, претставници на бизнис заедницата, уметници, лица од јавниот живот и претставници на невладини и хуманитарни организации учествуваа во отворена телевизиска програма во која апелираа до граѓаните да донираат финансиски средства за Туркије и Сирија, погодени од разорните земјотреси што се случија на 6 февруари, пренесува Анадолу.
Телевизијата „Канал 5“ вчера организираше отворена донаторска програма насловена „Обединети за Турција [Туркије] и Сирија.“
„Да помогнеме кој колку може и да продолжиме со солидарноста и хуманоста за настраданите од земјотресите во Турција [Туркије] и Сирија“, истакна претседателот Стево Пендаровски кој учествуваше во отворената телевизиска програма во живо.
Во програмата учествуваше и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.
„Преживеаните од разорните земјотреси не смееме да ги оставиме сами. Потребен е сеопфатен хуманитарен одговор. На луѓето им е потребна помош СЕГА! Затоа ги повикувам граѓаните, секој во својата можност да донира и да помогне колку може“, нагласи премиерот Ковачевски.
Во телевизиската програма учествуваше и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски.
„Република Северна Македонија во континуитет добива поддршка во најтешките моменти од Република Турција [Туркије], односите на нашите граѓани со турскиот народ се посебни, тоа создава еден вид морална обврска да бидеме тука за сите потреби кои ги имаат. Можеби помошта е мала која може државата да ја даде, но е исклучително голема ако се гледа во кој момент тоа се прави“, рече Спасовски.
„Сите граѓани да се обединиме во овие моменти и да помогнеме, еден од начините е преку јавување на телефонскиот број 143 400, преку донација на парични средства и на сè она што може најбрзо да стигне во овие подрачја зафатени со оваа голема катастрофа“, додаде тој.
Учесничка во програмата беше и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која информираше за акциите на Град Скопје во врска со помошta за погодените од земјотресот во Туркије.
Во телевизиската програма учествуваше и потпретседателот на МАТТО (Стопанската комора на Македонија-Туркије) Имер Селмани, кој се осврна на акциите кои се организирааат во земјата за помош на Туркије и за нејзините граѓани погодени од земјотресите.
Во отворената телевизиска програма учествуваше и претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, кој ги повика граѓаните да донираат.
Меѓу учесниците во отворената програма „Обединети за Турција [Туркије] и Сирија“ учествуваа и лекари, претставници на цивилниот сектор, како и бројни личности од јавниот живот кои апелираа до граѓаните да донираат средства за Туркије и Сирија.