Andelija Stojkovic
22 Декември 2018•Ажурирај: 23 Декември 2018
БЕЛГРАД (AA) - Премиерите на Бугарија, Романија и Грција, Бојко Борисов, Вјорика Данчила и Алексис Ципрас и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, разговараа денес во Белград, а една од темите беше и понатамошниот тек на интеграциите на Западен Балкан, јавува Anadolu Agency (AA).
Вјолка Данчила рече дека Романија, која го презема претседавањето со Европската Унија на 1 јануари во 2019 година сака да стави посебен фокус на подрачјето на Балканот, но дека во текот на претседавањето теми ќе бидат и прашањата за азилот и одбраната.
„Разговаравме за прашањето за проширувањето. Истакнувам дека Романија го поддржува европскиот пат на Србија“, рече Данчила на конференцијата за новинарите, и додаде дека Романија сака да ѝ помогне на Србија да отвори нови поглавја и да ги затвори оние кои ги отвори, но и дека земјите кои сакаат да пристапат кон ЕУ, треба да пристапуваат врз основа на својот труд.
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, рече дека проширувањето на Унијата и процесот на пристапување на земјите на Западен Балкан кон ЕУ се клучни приоритети на романското претседавање со ЕУ и дека на состанокот е истакнато значењето на пристапување на Србија кон ЕУ.
Тој рече дека сите земји на Балканот треба да го следат денешниот пример на соработка на Србија, Романија, Грција и Бугарија, но и дека сите земји на Балканот мораат пред влезот во ЕУ да ги исполнат обврските, да функционираат во согласност со европските текови и да обезбедат владеење на правото.
„Сметаме дека Србија ги исполнува овие критериуми, а дека другите држави мораат да го следат овој пат“, рече Ципрас.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ѝ се заблагодари на Бугарија и на нејзиниот премиер Бојко Борисов што во текот на претседавањето со ЕУ вложиле многу напори во подобрувањето на позицијата на целиот Западен Балкан и Србија.
„Ние како Србија, но и сите останати на Балканот уверени сме дека Романија вниманието ќе го посвети на продолжувањето на интеграцијата, сигурни сме дека тоа ќе значи и наше позначајно инфраструктурно поврзување“, рече Вучиќ.
Данчила рече дека една од темите со која ќе се занимава Романија како претседавач на ЕУ, ќе биде и прашањето за азил, а Борисов и Ципрас оценија дека Австрија во текот на претседавањето не направила доволно на тоа поле и изразија надеж дека Романија ќе го направи тоа.
„Не можеме да се водиме според принципите првата земја која ги прими мигрантите да го сноси целиот товар. Мораме да ги поделиме барателите на азил меѓу себе. Тоа е прашање на цела Европа“, рече Ципрас.
Борисов рече дека смета дека сите го забележуваат напредокот на Бугарија по прашањето на пристапот кон миграциите и додаде дека кога станува збор за проблемите со кои се соочуват земјите во Европа, мора да бидат обединети.
На состанокот стана збор и за инфраструктурни проекти.
Вучиќ рече дека се разговарало и за тоа дека Србија за неколку дена и месеци ќе ги заврши патиштата до границата со Македонија и Бугарија и за тоа дека сака да гради автопат преку Вршац до Темишвар во Романија.
Тој додаде дека се разговарало и за унапредување на железничкиот сообраќај и поврзување на пругата Будимпешта - Белград со пруга до границата со Македонија, и понатаму до Солун и Пиреј.
Борисов рече дека и инфраструктурата помеѓу Бугарија и Грција напредува, дека Бугарија наскоро ќе го заврши проектот на унапредување на железницата и дека таа ќе биде и до 10 пати подобра отколку досега, дека со Романија се разгледува изградба на мостови на Дунав, но и дека е распишан тендер за гасна интерконекција.
На состанокот станало збор и за заедничка кандидатура на четирите земји за Европското и Светското првенство во фудбал, во 2028 и во 2030 година, а Вучиќ рече дека денес е оформен и иницијален организациски Комитет од 16 луѓе (по 4 од секоја земја), бидејќи документите ќе се поднесуваат во декември 2021 година, додека одлуката би требало да биде донесена до јули 2022 година.