Stipe Majic
17 Јули 2022•Ажурирај: 18 Јули 2022
ЗАГРЕБ (АА) - Владата на Хрватска забрани влез во земјата за претседателот на Србија, со цел посета на Јасеновац, поради заобиколување на стандардните дипломатски протоколи од српска страна, изјави министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, известува Агенција Анадолија (АА).
По повод најавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за неговата посета на спомен-подрачјето Јасеновац, но и на Пакрац, хрватскиот министер за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ-Радман, одржа вонредна конференција за медиумите пред Министерството за надворешни и европски работи (МВЕП).
Министерот Грлиќ-Радман изјави дека МВЕП неслужбено, преку нестандардни канали на дипломатска комуникација дознале дела претседателот Вучиќ има намера денеска да ги посети Јасеновац и Пакрац, што го нарече неприфатливо.
Министерот Грлиќ-Радман наведе дел од дипломатската нота што во петокот е врачена на Амбасадата на Србија во Загреб, во која се истакнува дека секоја посета на странски претставници треба да се најави по службен канал, и дека од хрватска страна е „неприфатливо и недобронамерно сфатено“ заобиколувањето на службениот протокол од страна на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Таква посета не е искрена, не е оддавање почит на жртвите, туку е мотивирана од внатрешнополитички потреби внатре во Србија, пред формирањето на Владата“, оцени хрватскиот министер.
Министерот Грлиќ-Радман додаде дека Владата на Република Хрватска, и покрај овие провокации, и понатака се залага за нормацизација и развивање на добри односи со Србија.
„Жртвите тука се средство, а не цел“, порача Грлиќ Радман и додаде:
„Србија сѐ уште не се соочила со минатото, ниту 30 години по завршувањето од војната за независност.“
„Вршителката на должноста амбасадор во Амбасадата на Хрватска во Белград денес е повикана во Министерството за надворешни работи на Србија за да ѝ биде врачена дипломатска нота на оваа тема, но таа одбила да ја прими“, наведе Грлиќ-Радман.
По забраната што Хрватска ја изрече за претседателот на Србија, Александар Вучиќ, министерот за надворешни работи на Србија, Александар Вулин, најави дека од денес службено се воведуваат посебни мерки за влез на хрватските функционери во Србија.